Телевизиската кула во Харкив висока 240 метри е преполовена на пола во руски ракетен напад, за што украинскиот претседател Зеленски кажа дека е дел од руските обиди вториот најголем град во Украина да се направи непогоден за живеење. Драматични снимки од нападот покажуваат како главниот јарбол на кулата се крши и паѓа на земја.

Зеленски му рекол на американскиот претседател Џо Бајден дека нападот се случил неколку минути пред тие да зборат на телефон.

„Тоа е јасната намера на Русија да се направи градот непогоден за живеење и да се изврши терор што ќе биде видлив од целиот град“, кажа Зеленски.

Харкив, кој има 1,3 милиони жители, е оддалечен само 30 километри од руската граница и во последниот период беше честа мета на напади со дронови и проектили, особено неговата енергетска инфраструктура. 

„Во моментов има прекини во дигиталниот телевизиски сигнал, но, за среќа, немаше жртви меѓу работниците“, изјави регионалниот гувернер Олег Синехубов.

Русија првпат ја нападна ТВ-кулата во Харкив во март 2022, набргу по почетокот на инвазијата. Во истиот период беше гаѓана и телевизиската кула во Киев.