Услугите за граѓаните кои се здравствени осигуреници на Фондот за здравство, повторно се под знак прашалник, како и платите на вработените во јавното здравство, откако вработените најавија дека од 1 јуни влегуваат во штрајк, доколку не им бидат усогласени платите со растот на минималната плата.

Вработените во ФЗОМ исто така бараат Управниот Одбор на Фондот да биде целосно разрешен и да биде поставен нов, затоа што тројца од членовите биле пензионери и со истечени мандати.

Дополнително, бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Велат дека се разочарани од односот на управниот одбор на Фондот, бидејќи членовите според нив, не сакале да изгласаат порамнување на платата на состанок кој се одржал при крај на минатата недела, кога точката за усогласување на платите била отстранета од дневниот ред и оставена за после изборите.

Пред три месеци, Фондот за здравство влезе во штрајк поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа владата донесе одлука тие да останат непроменети по што штрајкот беше прекинат.

Додека траеше последниот штрајк на вработените во ФЗОМ во јануари, шалтерите на Фондот за здравство не работеа. Не се процесираа барањата на пациентите за рехабилитација, за исплата на породилно боледување, за заверка на ортопедски помагала, а не се пресметуваше ни платата за цело здравство, што придонесе платите во државното здравство да доцнат. Со такво исто блокирање на услугите се соочуваат граѓаните и овој пат, доколку до 1 јануари не им се исполнат барањата на вработените во ФЗОМ.