Кина навести дека може да возврати откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за зајакнување на одбраната на Тајван и бара од кинескиот сопственик на ТикТок да го продаде.

Во средата, Бајден го потпиша законот – воен пакет за помош кој најмногу е наменет за Украина и Израел. Тој, исто така, потпиша посебен закон поврзан со пакетот со кој ќе се забрани ТикТок во САД доколку неговиот кинески сопственик ByteDance не го продаде во рок од една година.

Говорејќи во Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан ги повика САД да не спроведуваат „негативни“ делови од законот што „се однесуваат на Кина“.

„Доколку САД тврдоглаво опстојуваат на својата одлука, Кина ќе преземе решителни чекори за да ги заштити своите безбедносни и развојни интереси“, рече тој, без да даде детали.

Тајванската влада го поздрави новиот американски закон, велејќи дека ќе помогне да се зачува безбедноста во регионот.