Принцот Вилијам денеска беше во посета на училиште во Сендвел, Англија. Неговото појавување изненади многумина, а во разговор со вработен во образовнaта институција ја спомена и сопругата Кејт Мидлтон која се бори со ракот, пренесува „Дејли мејл“.

Принцот од Велс се врати на службените обврски на 18 април по три и пол недели пауза, поради велигденските празници што ги помина со Кејт и нивните деца Шарлот, Џорџ и Луис.

Вилијам пристигна во училиштето за да се сретне со ученикот Фреди Хајдли (12), откако момчето му испрати писмо минатата година во кое го покани да ги види иницијативите за борба со менталното здравје во училиштето „Свети Мајкл“.

Принцезата и принцот од Велс со години ја поддржуваат борбата за ментално здравје. Минатиот октомври принцот Вилијам се извини во негово име и Кејт Мидлтон што не можеше да го посети училиштето, но вети дека ќе дојде. Тој го исполни тоа ветување.

„Многу луѓе пишуваат писма, но писмото на Фреди беше навистина добро напишано. Ветив дека ќе дојдам“, му рекол тој на член на училишниот персонал.

Кејт Мидлтон се повлече од службените должности поради болеста, а престолонаследникот денеска накратко проговори за неа.

„Жал ми е што Кетрин не можеше да биде тука. Таа многу би сакала“, додал Вилијам.

Инаку, принцот Вилијам со учениците ја сподели омилена шега на неговата ќерка Шарлот, која на 2 мај полни девет години.