Поплавите во Дубаи се актуелни со денови. Во Дубаи училиштата се затворени, спортските настани се откажани, а трговските центри во градот претрпеа сериозни оштетувања, како и некои патишта.

Нереалната сцена е објавена на профил на Инстаграм, а на видеото се гледа како скапите автомобили се транспортираат безбедно и суво.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) продолжуваат да се справуваат со поплавите, а екипите за итни случаи денеска ги расчистуваат патиштата бидејќи се проценуваат штетите од најсилните врнежи во земјата во последните 75 години.

Меѓународниот аеродром во Дубаи со денови има оперативни проблеми поради последиците од невремето во вторник, а патниот сообраќај се уште не е нормализиран, објави Ројтерс.

Емирати откажа речиси 400 летови и одложи многу други поради невремето што во вторникот го погоди пустинскиот град Дубаи, се вели во соопштението објавено од претседателот на авиокомпанијата, Тим Кларк.

Државната новинска агенција WAM го нарече дождот „историски временски настан“ што го надмина „се што е документирано од почетокот на собирањето податоци во 1949 година“.

Дожд почна да врне во текот на ноќта од понеделник кон вторник, а луѓето ги оставија своите автомобили по поплавените улици.

Медиумите јавуваат дека за само 24 часа наврнал дожд колку што вообичаено паѓа за две години во тие региони.