Синдикатот на холивудските сценаристи соопшти дека неговите членови може да се вратат на работа додека реши дали ќе прифати тригодишен договор, кој вклучува зголемување на хонорарите, заштита во однос на употребата на вештачката интелигенција и исплата на хонорари од прикажување серии и филмови на стриминг-платформите.

„Раководството на Здружението на сценаристите на Америка (WGA) во средата едногласно гласаше за прекин на штрајкот“, се наведува во соопштението на здружението. Членовите, чија бројка изнесува околу 11.500, имаат рок до 9 октомври да гласаат за предложениот договор.

Филмските и телевизиските писатели ја напуштија работата во мај откога не успеаја да постигнат договор со големите студија, вклучувајќи „Волт Дизни“, „Ворнер брос дискавери“ и „Нетфликс“.

Се чини дека сценаристите добија отстапки во сите сегменти, со покачувања на хонорарите во текот на тригодишниот прелиминарен договор, зголемени здравствени и пензиски придонеси и заштитни мерки против вештачката интелигенција (AI).

Според рамковниот договор постигнат во неделата, вештачката интелигенција не може да се користи за поткопување на авторитетот на сценаристите. Сценаристите може да изберат да користат вештачка интелигенција при изработка на сценариото, но компанијата не може да инсистира на користење софтвер.