Речиси 9 милиони евра за година и пол се влезени во македонскиот буџет од конфискуван имот. Становите и градежните парцели на Мијалков и Груевски чекаат „амин“ од Владата за продажба. Во меѓувреме агенцијата за одземен имот бара решавање на проблемите со кои цела деценија се справува.
Целиот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразуавање и безбедност Сашо Мијалков е проценет на 21,4 милиони евра, покажуваат последните податоци на Агенцијата за одземен имот добиени од Бирото за судски вештачења. Оваа проценка е за 6,4 милиони евра повисока од таа што ја соопшти во март годинава претходниот директор на Агенцијата, Фатон Асани.
Од Агенцијата засега не откриваат повеќе детали како е настаната оваа разлика во проценетиот имот, но најавуваат дека списокот со 23 станови, 2 апартмана во Панорама Резиденс и неколку градежни парцели во сопственост на државата наскоро ќе биде ставен на јавно наддавање.
Обвинителството во јуни минатата година објави список со целиот имот кој треба да му се одземе како имот на Мијалков во спогодбата со која призна вина и доби три години затвор за предметот „Империја“, каде беше обвинет за перење пари. Првичната проценка на Обвинителството е дека вредноста на недвижниот имот изнесува 14,1 милиони евра.
Од Агенцијата велат дека од почетокот на минатата година до сега во државната каса влегле речиси 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра биле конфискувани пари, а остатокот од продажба на запленетиот имот за кој со правосилна пресуда е докажно дека е стекнат со криминал.
Агенцијата за одземен имот богата, но само на хартија
Според катастарските податоци оваа агенција е далеку побогата на хартија, иако работи со државен буџет од половина милион евра и често пати до сега со блокирана сметка.
Во пресметките на тоа колку е големо „салдото“ на Агенцијата влегуваат и списоците со петте станови на поранешниот премиер Никола Груевски. Неговиот недвижен имот чека „амин “ од Владата за продажба.
Првите два стана, едниот од 45 метри квадратини вториот од 65 метри квадратни на скопската позната улица „Бихаќка“ вредат 105 илјади евра. Додека апартманите во „Панорама Резиденс“ во падините на Водно, од кои два со големина од по 200 метри квадратни и еден од 155 метри квадратни, Бирото за вештачење ги проценило по околу 600 илјади евра за еден.
На хартија Агенцијата може да биде и побогата ако се пресмета и имотот за кој на предлог на Обвинителството за гонење на организиран криминал е определена мерка во 2022 година „забрана за оттуѓување и располагање“, кој е во вкупна вредност од 40 милиони евра и се однесува на пари, градежни земјишта, станови, апартмани, деловни простории, хотел, хартии од вредност, удели. Овој имот е замрзнат поради сторени кривичните дела од злоупотреба на службена положба, мито, корупција и перење пари.
Со измените на кривичниот законик се поставува прашањето дали воопшто ќе биде конфискуван имот во предметите за кои дел од кривичните дела „застаруваат“ во судските фиоки.
Во пракса, досега се покажало дека често осомничените за организиран криминал и корупција, уште пред да почне постапка против нив, или додека трае, го префрлале имотот на членови на семејството, пријатели или го оптовариле со хипотека, па државата го поседува на хартија, ама не може да го продаде. Нешто слично како клетва од наследство, имотот е твој, ама не можеш да го владееш нити продадеш.
„ Хипотеката е најголем проблем. Случајот „Трансмет“ (со имотот на Сеад Кочан) е добар пример дека од 2017 година се чека на судот да одлучи дали имотот ќе му припадне на хипотекарот или пак ќе може ние да го продаваме и да ги вратиме парите во буџетот,“ вели за РСЕ директорот на Агенцијата за одземен имот Дритон Небиу.
Во овој предмет станува збор за движен и недвижен имот во вредност од 17 милиони евра, колку што проценило Обвинителството при судската постапка. Но, овој имот сега е на хартија впишан на име на државата, која не може да го продаде и уновчи додека не заврши судската постапка во Управниот суд, затоа што е ставен под хипотека.