Една жена почина поради акутно труење со пестицидот Метомил, односно Ланате, што е потврдено и со анализи на судска медицина, потврди токсикологот, доктор Нико Беќаровски.

Освен починатата, затруени сè уште две лица, и двете од истото семејство од кои едното е во тешка здравствена состојба, а другиот е стабилен и се наоѓа на клиниката за Токсикологија.

Затруени биле откако дома јаделе пита со праз, што сами ја подготвиле. Случајот со труењето е пријавен во полиција на 17 октомври.

Клиниката за токсикологија пријавила дека на 15 октомври кај нив биле донесени три лица, сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот дом, велат од МВР.

Откако во јавноста се прошири веста дека причина за труењето е пестицидот, доктор Беќаровски изјави дека не треба да се шири паника кај населението, бидејќи причината за фамилијарното труење и еден изгубен живот со пестицидот, не е ниту прсканиот праз, ниту брашното во питата.

Станува збор за класично акутно труење со овој пестицид, а дали било намерно или случајно треба да покаже истрагата, вели Беќаровски. Од полиција велат дека се работи на расчистување на случајот. Инаку, песицидот Ланате е забранет во Македонија.