Средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните партии на која ќе се одреди датум за изборите, ќе се одржи во Собранието во декември, изјави Ковачевски. Тој повтори дека во мај има доволно простор да се одржат редовни и претседателски и парламентарни избори, но одби да потврди дали ќе бидат на 8 мај.

Владините партнери сè уште немаат договор дали на изборите да одат со заеднички листи. Неофицијално, СДСМ и ДУИ се блиску до таква соработка, а не се исклучува и Алијанса за Албанците да биде дел од предизборната коалиција.

– Се водат разговори со партиите за одржување на изборите и, како што реков, во мај има доволно простор да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Планирам во текот на декември да се одржи една средба во Собранието со парламентарните партии на која ќе можеме да ги дефинираме сите детали за идната година да одиме на избори – рече Ковачевски.

Лидерската во Собранието за датумот на изборите е формалност, бидејќи 8 мај е единствениот термин кога претседателските и парламентарните избори може да се одржат во редовниот термин. Партиите допрва ќе пресметуваат дали добитна комбинација на изборите им е коалициски или самостоен настап. Премиерот не прецизира дали со ДУИ на изборите ќе настапат со заеднички листи.

Договорот за заеднички листи може да пропадне доколку партиите не успеат да се усогласат за распределба на носителите на листите. Заедничките листи на СДСМ, ДУИ и евентуално со Алијанса би значеле дека во Првата изборна единица како директен политички ривал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски би бил Ковачевски, во Шестата ИЕ носител би бил Ахмети. „Петката“ би отишла кај Алијанса, на Третата и Четвртата ИЕ носители ќе бидат од СДСМ и коалицијата, а битка ќе има за Втората изборна единица, бидејќи таму е Оливер Спасовски, а на ДУИ ѝ е важна бидејќи таму носител од Европскиот сојуз за промени најверојатно ќе биде Изет Меџити, доскорешниот сопартиец на интегративците.

Додека се очекува Собранието да го комплетира составот на Државната изборна комисија (ДИК), бидејќи веќе девет месеци е без еден член откако Кренар Лога стана министер за правда, можно е Комисијата да остане без уште еден член. Меѓу пријавените кандидати за новиот состав на Антикорупциската комисија е и актуелниот член на ДИК, Борис Кондарко. Ако Кондарко биде избран во Антикорупциска, тогаш Собранието повторно ќе треба да огласи избор на нов член на ДИК.
Европскиот сојуз за промени денеска на Комисијата за избори и именувања побара точка на дневниот ред да биде утврдување кандидати за ДИК, но претседателката рече дека за таа точка ќе свика нова седница. Кандидати за член на ДИК, освен Европскиот сојуз номинира и Алијанса за Албанците.