Поранешниот премиер Никола Груевски ја избегна највисоката затворска казна, поточно казната од 9 години за случајот „ТНТ“ кој се однесува на незаконското уривање на објектот „Космос“. Заедно со Груевски се спаси и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиевски а обвинението ќе биде отфрлено и против останатите осуденици. Адвокатот на Јанакиевски рече дека со последните измени во Кривичниот законик е исполнет критериумот на апсолутна застареност на делото и затоа обвинението треба да се отфрли.

Бизнисменот Фијат Цановски вчера ги обвини судиите за намерно одолговлекување на предметот. Според него, записникот од судењето бил фалсификуван и даден на потпис кај судија кој бил во тешка здравствена состојба. Правниот застапник на Цановски ги откри и законските прекршоци што ги направил судијата Ѓоко Ристов затоа што не постапил во роковите предвидени со закон и го суспендирал предметот со цел застарување. Обвинението за случајот „ТНТ“ се однесуваше за незаконското уривање на објектот „Космос“.

Прислушуваните разговори покажаа дека по налог на Груевски и со одобрение на Јанакиевски објектот на Цановски бил урнат поради политички реваншизам. Штетата што поранешниот премиер и ја нанел на компанијата изнесува над 11 милиони евра, додека Цановски рече дека од судијата Ристов отштета ќе бара преку тужба за злоупотреба на службената положба. Обвинението за случајот „ТНТ“ е второ по ред од кое Груевски се спаси благодарение на новите измени во Кривичниот законик. Пред неколку дена беше отфрлено обвинението против него за случајот „Траекторија“ за кинеските автопати во земјава, проект со кој државниот буџет беше оштетен за 155 милиони евра.