Годинашното издание на престижните музички награди Греми, одржани во неделата, го одбележаа неколку историски победи, одлични изведби и модни креации, кои го одземаат здивот.
Како и секоја година, сите љубители на популарната забавна музика со нетрпение очекуваа да дознаат кои ќе бидат добитниците во четирите главни категории – албум на годината, песна на годината, запис на годината и најдобар нов изведувач.
Годинава, ар-ен-би пејачката Бијонсе беше најголема ѕвезда на вечерта бидејќи, официјално, таа стана најнаградуваниот изведувач во историјата на наградите Греми. Бијонсе беше номинирана во девет категории, а победи во четири од нив (за најдобра ар-ен-би песна, традиционална ар-ен-би изведба, денс/електронски албум и денс/електронски запис) и со тоа ја достигна бројката од освоени 32 награди Греми во текот на кариерата. Рекордот со 31 трофеј досега го држеше починатиот диригент на класична музика Георг Солти. Пред 65. издание на наградите Греми, Бијонсе веќе беше најнаградуван женски изведувач со 28 освоени статуетки Греми.
Блуз, фолк и кантри-ветеранката Бони Раjт ја доби наградата за песна на годината, за „Just Like That“. Признанието ѝ го врачи првата дама на САД, Џил Бајден, која беше една од доделувачките на свеченоста.
Британскиот пејач и миленик на женската публика Хари Стајс ја понесе престижната статуетка за најдобар албум „Harry’s House“, а пејачката Самара Џој беше прогласена за најдобар нов изведувач.
– Овој албум, од почеток до крај, беше најдоброто искуство во мојот живот. Од тоа дека го направив со двајца од моите најдобри пријатели, па сè до изведувањето на песните пред обожавателите – тоа беше најголемото задоволство – изјави Стајлс.
Песната „About That Time“ на раперката Лизо беше прогласена за најдобар музички запис.
– Кога го изгубивме Принц, јас одлучив дека ќе го посветам својот живот на правење позитивна музика. И си реков: „Мене не ми е грижа ако мојата позитивност ви пречи, што ви е вам?“. Кога почнав да правам музика, позитивната музика не беше популарна и јас се почувствував многу неразбрана. Но, јас си останав доследна на самата себеси бидејќи јас сакав да го направам светот подобро место – изјави Лизо кога ја прими наградата.
Сем Смит и Ким Петрас ја освоија наградата за најдобра изведба на поп-дуо, односно група, за песната „Unholy“. Со ова, Смит стана првиот небинарен изведувач, а Петрас стана прва трансродна личност што ја освои наградата во оваа категорија.
– Јас би сакала да им се заблагодарам на сите неверојатни транссексуални легенди, кои пред мене ги отворија вратите за да можам јас да бидам тука вечерва – изјави Петрас.
Исто така, најголемите хип-хоп ѕвезди го прославија 50-годишниот јубилеј на овој музички жанр со неверојатен настап. На сцената се појавија Квин Латифа, Миси Елиот, Салт-ен-Пепа, Баста Рајмс, Ран Ди-ем-си и други.
Претходно, легендарниот рапер и музички продуцент Д-р Дре ја доби наградата за глобално влијание со неговите достигнувања во музичката индустрија.
Британската пејачка Адел ја доби наградата за најдобра соло-изведба во категоријата поп, за нејзината песна „Easy On Me“. Таа му ја посвети оваа награда на синот Ејнџело.
– Го напишав првиот стих од песната во момент кога избрав да му го променам животот на син ми. А, тој не беше ништо друго освен скромен и со голема љубов за мене цело ова време – изјави Адел.
Раперот Кендрик Ламар освои три награди – за најдобра рап-изведба, рап-песна за „The Heart Part 5“ и за најдобар рап-албум – „Mr. Morale & the Big Steppers“.