Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во следната фаза од ИТФ турнирот во Лиепаја што се игра за награден фонд од 60.000 долари.
Таа во дуелот против Франческа Курми од Малта и покрај водството од 1:0 по првиот сет на крајот беше совладана со 2:1.
Ѓорческа првиот сет го реши во своја полза со 6:1 и кога се очекуваше дека во продолжението на мечот ќе стигне до убедлив триумф, Курми со 6:4 во вториот сет успеа да израмни на 1:1.
Во третиот решавачки сет Малтежанката поведе со 4:0, но Ѓорческа направи пресврт и стигна до предност од 5:4 и имаше три меч топки.
За жал во продолжението Курми направи серија од три гема за конечен триумф во меч што траеше 2 часа и осум минути.