Инцидентите кои ги нарушуваат односите Скопје Софија се прават смислено со однапред режирано сценарио, да се наруши континуитетт на мирните периоди во македонско бугарските односи, вели првиот човек на историската комисија Ѓоргиев, кој признава дека последните случувања влијаат и на работата на историската комисија. Ѓоргиев за Гласот на Америка посочува дека комисијата не е имуна на политичките тензии и потреси кои се случуваат циклично
– Речиси редовно во сите тие препукувања и политички изјави кои се даваат се спомнува и Комисијата, историјата, се споменуваат темите на кои работи самата Комисија и сето тоа влијае врз атомосферата во самата комисија, изјави Ѓоргиев.
Ѓоргиев потврди дека досега комисијата не договорила заедничко чествување на Гоце Делчев, изминатата година речиси и да не разговарале сериозно на оваа тема, а уште помалку сега кога односите Софија Скопје се влошени.
-Идејата на заедничко чествување на било која личност не само на Гоце Делчев се базира на тоа уште повеќе да ги смири и релаксира односите меѓу двете држави, да придонесе кон подобро сфаќање на двата народи и на двете општества. И таа е основната идеја не само на нашата комисија, туку и на сите комисии кои работат на ваков начин, односно покрај учебниците имаат како своја агенда и заедничко чествување на одредени личности, околу кои постојат различни видувања, меѓутоа тие се споделени историски личности. Така што мора политичката ситуација, политичките односи меѓу двете држави да бидат на едно високо ниво со цел и Комисијата да постигне одреден напредок, пред се во однос на тие чувствителни теми како што е Гоце Делчев, вели Ѓоргиев.
По реакциите на Софија дека Македонија одбила заедничко чествување на Делчев на 4 февруари, од МНР одговорија дека таков договор немало бидејки досега нема таква препорака на комисијата.
Ѓоргиев најави дека следната средба на историската комисија ќе се одржи во Софија на 16 и 17 февруари, а досега комисијата усвоила препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Климент Охридски и за Цар Самоил.