Кинескиот претседател Ши Џинпинг ја заврши тридневната посета на Русија и на московскиот аеродром беше испратен со високи почести.

На неговото прво патување во странство по реизборот, Ши со Путин, како челници на две атомски сили, договорија уште потесно стратешко партнерство.

Во вторникот шефот на кинеската држава и неговиот домаќин, рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договори за заедничка соработка до 2030 година, во чиј фокус е засилено економско партнерство. Русија, која се наоѓа под притисок од западните санкции поради војната во Украина, од Кина ќе биде снабдена со повеќе електротехника. Кинеската за енергенси жедна економија пак ќе добие повеќе гас и нафта по поволни цени.

Испораката на гас од Русија за Кина до 2030 година би требало да достигне речиси 100 милијарди кубни метри годишно, освен тоа ќе бидат испорачани и 100 милиони тони течен гас, како и јаглен и нуклеарно гориво.

Во минатата година руско-кинескиот трговски волумен се зголемил за речиси 30 проценти, на близу 172 милијарди евра, а очекувањата, истакна Путин, се тој годинава да достигне 187 милијарди евра.

Заради слабеење на доларот, платниот промет меѓу двете држави и со други трговски партнери продолжува да биде адаптиран на јуанот и рубљата.

Во поглед на руската војна против Украина,Ши Џинпинг демонстративно застана на страната на рускиот претседател, истовремено декларирајќи се за преговори за окончување на воениот конфликт.

Рускиот претседател Владимир Путин упати пофалби за меѓунардно со скепса пресретнатиот кинески предлог за Украина. „Многу од позициите во кинескиот предложен мировен план се поклопуваат со нашите и можат да бидат база за мировно решение, доколку Западот и Украина се спремни на тоа“, изјави Путин по разговорите со својот гостин.

Путин и Ши уште во понеделникот разговарале четири ипол часа за Украина, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков: „Постоеше можност за сѐ да биде разјаснето, тие се сослушаа меѓусебно, а тоа е најважното.“

Кинеската „мировна иницијатива“, поднесена во февруари, која повикува на прекин на огнот и водење преговори, не донесе никакви конкретни резултати. САД го отфрлија документот со образложение дека ги легитимира досегашните руски окупации на украински територии и на Москва ѝ отвора временски простор за воено да закрепне и дополнително да се вооружа, подготвувајќи се за нова офанзива.

По средбата со Ши, Путин ја предупреди Велика Британија во врска со испорака на муниција и борбени тенкови збогатени со ураниум на Украина. Тоа би значело дека НАТО на Киев му става на располагање оружје со нуклеарни компоненти, а Русија на тоа ќе има соодветен одговор, истакна Путин, без да навлегува во детали.

Ши, според рускиот превод, ја истакнал кинеската позиција „во склад со принципите на Повелбата на ОН“, а во поглед на војната во Украина, Кина има „непристрасен став“. За меѓународните набљудувачи меѓутоа, Кина во никој случај не може да се смета за неутрална инстанца, туку како тесен сојузник на Русија. Пекинг никогаш не ја осуди руската инвазија врз Украина, а кај Западот постои и стравување дека Кина може да ја снабдува Русија со оружје.

Налогот за апсење издаден од страна на Меѓународниот кривичен суд за Путин поради воени злосторства, очигледно не бил тема.

Во врска со шпекулациите за можни разговори на Ши Џинпинг со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Москва во повеќе наврати соопшти дека, според руски сознанија, тоа не е планирано.