ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Големото мисионерско, апостолско и просветителско дело на својот брат го продолжил св. Методиј Солунски. Тој од папата Адријан II, а на молба на кнезот Коцељ бил поставен за архиепископ и папски легат за духовни потреби за сите словенски земји, со седиште во архиепископијата Сирмиум (Сремска Митровица). Архиепископијата ги опфаќала териториите на Панонија, Хрватска и Словенија.
Папата во својата препорака до кнезот Коцељ ги истакнува вредностите на св.Методиј како син на апостолската столица, маж со совршен ум и правоверен кој е посветен со своите ученици да ги подучува Словените и да ги тумачи книгите на словенски (старомакедонски) јазик според сите црковни обичаи. Меѓутоа, во Панонија, во 870 година, политичките прилики се промениле заради промената на власта, на чие чело дошле прогермански ориентирани владетели. Методиј бил обвинет од германските епископи како узурпатор на франечките епископски права. Во германските затвори минал околу три години, кога по интервенција на Светата столица бил ослободен, во 873 година. Следните 12 години, иако работел под многу тешки услови, ја обновил школата на св. Кирил, го ширел христијанството и посебно се посветил на преведување на светите книги. Тоа биле пред сè канонски книги од Стариот Завед, Номоканони, Збирка со византиско црквено и граѓанско право итн. Со ова св. Солунски браќа им обезбедиле на Словените не само црковна литература, туку и нова старословенско-византиска култура во книжевност.
Со цел понатамошно ширење на христијанството на просторите на Западните Словени, св. Методиј во сите градови и населени места поставил словенски свештеници. Заради тоа повторно е покрената тужба од страна на германскиот клер, што го принудило св.Методиј на ново патување во Рим, во 880 година. Тогашниот нов папа Иван VIII во булата (указ, решение) од истата година, ги одбил сите обвинувања и ја потврдил правоверноста на својот мисионер и Големоморавската архиепископија и словенското богослужење, што претставува голем успех за св. Методиј.
Задоволен од објективноста на Светата столица, на враќање св. Методиј извесно време престојувал во Хрватска и Далмација, каде вовел словенско-римско богослужење. Така старословенскиот (старомакеонскиот) јазик во литургијата, на просторите на Далмација, Истра, Горски Котор, островите и во Хрватска, бил сочуван сè до 1965 година, како симбол на отпорот на народот против латинизацијата, кога е заменет со денешниот хрватски книжевен јазик (Ласко, 1985, стр.14, дело 5). Враќајќи се во Панонија, св. Методиј продолжил со преведување на црковните книги и ширење на христијанството не само кај Чесите и Словаците (го покрстил кнезот Боривое во Чешка), туку и кај Полјаците (го покрстил кнезот на виславскиот народ) и покрај германското противење. При крајот на големата мисија, истоштен од сплетките на франечките свештеници и макотрпната пионерска апостолска и просветителска работа, на 6 април 885 год., умрел св. Методиј, на рацете на своите свештеници и ученици. Бил погребан со сите црковни почести во соборната (ка-тедрална) црква во Моравија.
При крајот на својот живот, за свој заменик го одредил еден од своите најдобри ученици од денешна Словачка, по име Горазд. Меѓутоа, неговата понатамошна судбина не е доволно позната. По многу перипетии со франечкиот клер, заради наездата на Унгарците во 905 година, Горазд заедно со другите словенски свештеници се повлекол во јужните делови на Полска. Неодамна, во Краков е утврдено постоење на кирилометодиевска митрополија од XV век. И покрај недостатоците на литературни податоци, Горазд се почитува како светец од страна на многу цркви, како што се чешката, словачката, хрватската, словенечката, бугарската и македонската црква.
Во годината кога умрел св. Методиј, во Рим бил избран новиот папа Стеван V (885-891), кој не бил на висината на својот претходник. Како огорчен противник на кирилометодиевското дело, тој го обвинил словенското богослужење за ерес и го забранил словенскиот јазик. Учениците на св. Кирил и Методиј биле обвинети како еретици и тешки виновници, па заради тоа биле ставени во казамати и биле малтретирани. Помладите ученици биле продадени како робови, додека останатите од Македонија, меѓу кои биле Климент Охридски, Наум Охридски, Ангелар, Константин Преславски и други, биле протерани преку граница за Бугарија. Сите тие заедно, со своите учители Константин-Филозоф-Кирил, Методиј и Горазд, се слават под името свет Седмопочетници (Седмомислени) за големите дела кои ги сториле во христијанската вера.
Резимирајќи го овој дел, може да се истакне дека животниот пат на словенските светци. Македонците Кирил и Методиј бил тежок, но плодотворен. Тие во христијанскиот свет на Исток и Запад останале ценети како учени луѓе и евангелисти, апостоли и просветители на Словените.
Нивните дела придонеле за спојување на античката филозофија на Платон и со стоиците, со христијанскиот поим за совршеност дека човекот треба да е сличен на Бог, својот создавач. Во своите мисии меѓу Арапите и Хазарите, елаборирајќи го прашањето за моралот св. Кирил, ја истакнува возвишеноста на христијанскиот морал над исламскиот. Тој проповеда дека христијанскиот морал е како лекар кој препишува лекови против некоја болест. „Зашто расколничката наслада треба да се умртви со горчината на животот, а разузданоста со покор. Лечи наопаку со опакиот“. Со ова св.Кирил уште еднаш, но од аспект на христијанската филозофија, ги потврдил зборовите на таткото на медицината, древниот Хипокрит, дека спротивното со спротивно се лечи (contraria contrarii curantur), што претставува еден од основните принципи на современата антистрес терапија.
Од лингвистички аспект, св.Кирил и Методиј се втемелувачи на словенската азбука-писмото и писменоста, јазичната слобода и еднаквост, како и културна трпеливост. Како добри познавачи на јазикот на Александар, „коине“ – старомакеонски јазик на тогашната дипломатија, наука и многу богата книжевност во христијанската литургија, извршиле многу брзо преведување на еден сосема нов и необработен словенски јазик на милионска популација народ кој стапувал на историската сцена на светот. Тоа бил јазикот на македонските Словени од нивниот роден Солун и околината.
Тоа било македонско наречје на големото семејство на словенските народи, кое прво во историјата е идентификувано и запишано и му е даден елегантен стил на проза. Благодарејќи на јуначкиот подвиг на Солунските браќа, овој јазик станал главно средство за комуникација, просветување и ширење на културата, книжевноста, хуманитарноста и христијанството. Покрај тоа, македонскиот старословенски јазик станал брана за асимилација и ромеизација на Словените на Балканот и средство за сочувување на идентитетот на словенските народи и нивното меѓународно признавање, но и лост за поврзување на Словените со ИРЦ и за создавање еден Византиски Комонвелт.
Големата борба на св. Кирил и Методиј околу „тријазичната“ заблуда, со интелектуалците од VIII век, придонела за разбивање на јазичниот монопол на латинскиот и „грчкиот“ јазик и поставување принципи на еднаквост и рамноправност на сите јазици пред Бога. Со тоа тие обезбедиле човечки и верски права христијанизацијата на Словените да се врши на нивниот јазик, што претставува големо наследство. Покрај тоа, тие го вовеле јазикот на македонските Словени во две, тогаш доминантни црковни литургии, византиската и римската и создале средства за ширење и зацврстување на христијанската вера меѓу сите Словени.
Новата словенско-византиска култура во Централна Европа останала традиционална уште два века, што укажува на виталноста и прифатеноста од страна на народите на Чешка, Словачка, Полска, Западна Панонија и Словенија.Денес овие народи, како и народите на јужните и источните Словени богослужбата ја вршат на своите современи јазици.
Заради овие цивилизациски, историски и епохални придонеси, св.Кирил и св.Методиј се слават како словенски втемелувачи, апостоли, евангелисти, миротворци, творци на книжевниот старословенско-македонски јазик. Покрај тоа, тие се слават и како просветители, како од римокатоличката така и од православната црква. Во нивна чест подигнати се храмови и бројни цркви, научни и културни институции. Како што македонските синови Александар Македонски со својот меч и Аристотел македонски со својот дух го освоиле античкиот свет, дванаесет векови подоцна нивните сонародници св. Кирил и Методиј со своите духовни дела го обогатиле христијанскиот свет и ги вовеле словенските народи во големите нации на современиот свет. Почитувајќи го придонесот кој им го дале на сите Словени и на Европа воопшто, актуелниот папа Иван Павле II, и тој Словен, на 31 декември 1980 година, ги прогласил св. Кирил и св. Методиј созаштитници на Европа, заедно со св. Бенедикт. Следната 1981 година, на денот на смртта на св. Кирил (14 февруари), римскиот Папа на гробот на св .Кирил приредил голема еухаристичка молитва. Нивната заедничка слава паѓа на 24 мај.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН