Футсал репрезентацијата на Македонија ја победи Шведска со 3:1 во претквалификациите за Светското првенство 2024 година и така дојде на чекор до обезбедување на квалификациите за Мундијалот.

Првото полувреме во денешниот натпревар против Шведска помина без голови. До водство нашата селекција дојде со двата гола на Ранготов во период од пет минути, во 21-та и 26-тата минута.

Четири минути по вториот гол на Македонија Шведска намали на 2:1, стрелаше Диаз. Тргнаа Швеѓаните во целосна офанзива до крајот, а Македонија тоа го искористи и во 39-тата преку Леовски ги поставивме конечните 3:1. Со овој триумф и се реваншираме на Шведска за поразот од првиот натпревар во групата.

За Македонија да остане на второто место потребно е во последниот натпревар од групата на 9-ти март, Италија да ја победи Шведска.