Украинскиот олигарх Олександр Онишченко се уште е македонски државјанин. Иако и владата и министерството за внатрешни работи тврдат дека од 12 декември минатата година веќе не е државјанин на Македонија, денеска од Државната изборна комисија за ТВ 24 посочуваат дека Решението на МВР со кое се одзема неговото државјанство се уште не е правосилно.
Министерството го бара на адресата во Македонија за да му го врачи Решението, па додека да поминат роковите за лична достава, тој се уште може да ги користи македонските документи.
„Државна изборна комисија, согласно Изборниот законик, податоците во Избирачкиот список ги ажурира врз основа на податоците кои по службена должност ги добива од Министерството за внатршни работи. По добиеното прашање од Ваша страна, Државна изборна комисија по службена должност ги има проверено овие податоци во Министерството за внатрешни работи и во однос на истото имаме добиено одговор дека Решението за отпуст од државјанство од 12.12.2022 година сеуште не е правосилно, односно во тек е постапката за лично врачување на истото. Примената на законските одредби за правосилноста на Решението по службена должност МВР ја започнува во моментот кога ќе помине рокот за лична достава.“ – велат од Државна изборна комисија.
Од владата и од МВР пак, со речиси идентични одговори на прашањата на ТВ24 – тврдат дека со решението, личната карта и патната исправа за Олександр Онишченко се огласуваат за ништовни.
„Министерството за внатрешни работи уште на 12.12.2022 година донесе решение со кое се огласува за ништовно решението на Министерството за внатрешни работи со кое посоченото лице се прима во државјанство на Република Македонија. Така што со решението – личната карта и патната исправа за Олександр Онишченко се огласуваат за ништовни.“ – велат од МВР.
Скандалот со Олександр Онишченко изби минатата година, а по одлуката на затворена седница на Владата да му се додели македонско државјанство, со образложение дека ќе ја претставувал Македонија на коњанички трки.
По притисокот од јавноста, владата донесе одлука за одземање на државјанството, а за скандалот, поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски посочи дека се суспендираат двајца службеници кои не ги извршиле проверките во земјите-членки на НАТО.