Скоро 18 проценти од положените кандидати кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавнообјавената ранг листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Меѓу листата има и многу звучни имиња.
Па така, од политичкиот свет иден судија или обвинител ќе биде Барлет Џафери, син на Талат Џафери – претседател на Собранието. И Билјана Иванова, снаа на Цветанка Иванова, која е собраниска генерална секретарка котира високо на ранг листата и ќе извршува функција во правосудниот систем. Во оваа листа го има и името на Симона Муцунски Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – градоначалник на Аеродром.
Најбројни успешни слушатели на Академијата кои ќе делат правда се ќерките, синовите и сопругите на сегашни и поранешни обвинители. Највпечатливо е името на Албулена Абази, сопруга на Ислам Абази – новоизбраниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој се повлече од Управниот одбор на Академијата за да не фрла дамка врз кариерата на идната судијка или обвинителка. И Биљана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која гонеше организиран криминал, успешно го поминала испитот. Иван Колевски, син на Ацо Колески – експретседател на Совет на јавни обвинители, положил и котира ависоко на листата. Малку послаб во знаење бил Драган Јосифовски, син на Елизабета Јосифовска – ексобвинителка во СЈО, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал, но и тој е иден судија или обвинител.
И судиите ќе имаат свои наследници во правосудниот систем. Па така, Кирил Георгиев, син на судијата Наќе Георгиев – судија во Врховен суд, исто така успешно завршил на Академијата. По него, се впишува и Зоран Здравев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, кој ќе треба да гони или суди кривични дела. Последен во низата е Илир Јакупи, син на Субхи Јакупи – ексчлен на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд.
Ова се само дел од имињата на слушателите за кои знае јавноста, а во изминатите години се врзуваа со судии, обвинители, политичари. Имаше и бурни реакции, но и јавни обвинувања за влијание врз оценувачите, со цел, одредени кандидати да бидат положени кандидати на Академијата.