Болничарката со конго-кримска хеморагична треска која е хоспитализирана на инфективната клиника во Скопје е во стабилна состојба, но под постојан лекарски надзор.
Како што објаснуваат лекарите и покрај заштитната опрема, болничарката најверојатно се заразила преку секрет или крв од 27 годишната пациентка од штипско која претходно почина на клиниката по убод од крлеж.
„Ова и е веќе петти ден како е болна, но се следи постојано за да не дојде до некои влошувања, затоа што кај оваа конкретна болест е многу важна таа супортивна, заменска терапија односно да се надоместува се што се губи. Се надеваме дека пациентката ќе остане во стабилна состојба. Самата болест има своја еволуција, првите денови не се така лоши, но потоа може да се влоши затоа се следи за да може да се интервенира во одредени ситуации.“- вели прим. д-р Добринка Наунова Јовановска универзитетска клиника за инфективни болести.
Единаесет луѓе кои биле контакти на хоспитализираната болничарка се под 14-дневен здравствен надзор. Десет од нив се од потесното семејство на пациентката, а еден контакт е нејзина колешка исто така од инфективната клиника.
„Здравствен надзор подразбира дека контактите ќе треба да се јавуваат кај надлежен епидемиолог од ЦЈЗ Скопје, тоа не е класична изолација но треба да имаат контакт со останатите, едноставно да издржат 14 дена за да не се прошири оваа зараза и се надевам ќе биде последен случај. Од претходните 29 контакти еден се потврди, а вкупно имаме здравствен надзор за 40 луѓе.“ – вели Рената Младеновска директорка на ДЗСИ.
Дел од препораките за превенција и контрола на Институтот за јавно здравје се.
– Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото
-Носете светла облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката
-Дополнителна заштита ќе обезбедат репелентите против крлежи и инсекти
– После можни убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, зглобовите, стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Закрепнувањето е бавно. Смртноста од Конго-Кримска Хеморагична треска достигнува и до 40%.
Сепак, од комисијата за заштита од заразни болести велат дека не треба да се крева паника и дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска.
Се шири треска која ја пренесуваат крлежи – 40 контакти од заболените во изолација
Date: