Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер неодамна најави дека најквалитетното кошаркарско натпреварување на светот би можело да се прошири за уште две екипи. 

Првиот тим на листата е славната франшиза на Сиетл Суперсоникс, за која ова би било враќање во НБА лигата после петнаесет години, додека втората екипа е новоформираната франшиза на Лас Вегас, кој за првпат би се натпреварувала во американскиот кошаркарски „крем“. 

  • „Проширувањето на лигата не е никаква тајна и тоа е логичен чекор за НБА. Постојат повеќе тимови кои се во игра, а први на листата се секако Сиетл и Лас Вегас. Има голем интерес за лигата и од други пазари, а ние мораме внимателно да ја разгледаме ситуацијата и да ги донесеме вистинските одлуки. 

Во моментов сè уште не сме започнале конкретни преговори со никого, но тоа може да се случи многу наскоро. Сакаме да ја зголемуваме популарноста на НБА лигата и секогаш работиме на тоа. Сите сме фокусирани на успешни проекти, одлични франшизи со неверојатни кошаркари и спектакуларни натпревари“, заврши Силвер. 

Во моментов триесет тимови се натпреваруваат во НБА-лигата. Оваа сезона ќе стартува и Купот на НБА, чија завршница ќе се одигра во Лас Вегас, а дополнително се очекуваат и нови информации за евентуалното проширување и додавање на двете нови екипи.