Алек Болдвин се соочува со нова тужба од роднините на снимателката Халина Хачинс, која беше убиена кога актерот несвесно испукал вистински куршум од пиштол со кој што вежбал за време на снимањето во Ново Мексико, пренесува Sky News.
Семејството на снимателката, меѓу другото, го обвинува холивудскиот актер за предизвикување душевна болка и невнимание.
Во тужбата е вклучена и филмската продуцентска куќа Руст. Треба да се нагласи дека се работи за граѓанска, односно приватна тужба, каде обвинетиот не може да се казни со затвор, туку само со исплата на надомест.
На Болдвин му се заканува и кривично судење. Тој треба да се појави пред американскиот суд на 24 февруари. Како и оружарката на сетот, Хана Гутиерез Рид, тој е обвинет за убиство од небрежност. Ним им се заканува затворска казна до пет години.
Американската обвинителка Глорија Алред, која ќе ги застапува роднините на Халина Хачинс, денеска ја објави новата тужба на прес-конференција.
„Јасно ни е дека животот на сите мои клиенти е нарушен и тие нема да можат да живеат на ист начин како кога нивната скапоцена Халина беше жива. Халина беше светлината на нивните животи“, рече Алред.