САД, Британија и Австралија спроведоа воздушна воена вежба над пустина во Невада за да симулираат борбени операции против кинеските воени авиони и противвоздушната одбрана. Суштината на воената вежба наречена Црвено знаме, во траење од три недели, е покривање на големата оддалеченост со која Американците, Британците и Австралијците би се соочиле во операциите на Пацификот.

Акцентот бил ставен на подобрување на соработката на воздушните сили на трите земји. Во вежбата бил користен британски авион, воздушниот танкер КЦ-2 Војаџер, за напојување со гориво на американските и британските авиони.

„Кина е сè поголем предизвик и затоа тренираме за да бидеме спремни. Мислам дека сме спремни за Кина, спремни сме за кого било“, кажа полковникот на американското воено воздухопловство Џаред Џ. Хачинсон, командант на 414 ескадрила за борбена обука задолжен за воените маневри.

Пентагон во последните години изразува сè поголема загриженост поради притисокот кој Пекинг го врши на Тајван, одметнатиот остров кој Кина го смета за своја покраина.

Вашингтон ја смета Кина како свој најважен воен приоритет, иако троши милијарди долари помагајќи го Киев во конфликтот со Русија. Според директорот на ЦИА Вилијам Брнс, кинескиот претседател Си Џинпинг ѝ наредил на војската да биде постојано спремна за инвазија на Тајван до 2027 година.