Деветкратната добитничка на „Греми“, Ријана, се враќа со долгоочекуваниот настап во живо на „Супербоул 57“ денес предводејќи го шоуто на полувремето што ќе ја истакне нејзината карипска култура.

Пејачката родена во Барбадос нема издадено соло албум од јануари 2016 година, а фановите едвај ќе дочекаат да ја видат 34-годишната суперѕвезда кога ќе излезе на сцената пред милионската глобална публика на стадионот „Стејтфарм“, каде што „Филаделфија иглс“ ќе ги одмери силите со „Канзас Сити шефс“.

Ријана изјави дека е инспирирана да го прифати предизвикот по раѓањето на своето прво дете во мај.

„Кога ќе станете мајка, нешто едноставно се случува и чувствувате дека можете да го преземете светот, можете да направите сè,“ им рече таа на новинарите во Феникс во четвртокот.