Иако според препораките на УНЕСКО, депонијата во Буково, лоцирана покрај патот Охрид – Ресен, веќе требаше да се затвори, бавните административни работи, немањето реална желба за што побрзо справување со овој проблем, одложување на изградбата на регионална депонија, само ја продолжуваат статус-кво состојбата.

И ова лето, како и претходното, новиот пожар на депонијата шири токсичен чад до Ресен, Преспа, Охрид и сите т.н. воздушни бањи стануваат токсични. Од чадот се добива нагон на повраќање. Од Центарот за јавно здравје во Охрид издадоа апел за граѓаните и туристите, да внимаваат и ако почувствуваат мирис на чад во утринските часови и навечер, да ги затворат прозорците, да останат во своите домови и да избегнуваат директно вдишување.

Екологистите од Охрид СОС велат дека се повторува истата слика – гаснење, инспекциски надзор, изјави на локалната самоуправа и институциите, привремена санација на состојбата, до следната сезона.

– Бесконечен циклус што трае веќе децении. Реакциите од населението, од здравствените институции, од медиумите, се чини како да не допираат до носителите на јавни функции. Проблемот не се решава, се остава за понатаму. Истите изјави, истите реченици, се повторуваат и оваа година како и лани. Страда животната средина, страдаат луѓето, но тоа како и да не е важно. Врнежите веројатно ќе го освежат теренот, но тоа не е решението. Без вистинска инволвираност на локалната и централната власт, без забрзување на постапките, без сериозен пристап, оваа состојба ќе се повторува и во иднина. Засега, останува онаа народната – секое чудо за три дена – велат од екологистите.

Од Левица велат дека на депонијата Буково гори токсичен пластичен отпад.

– Депонијата Буково е една од црните еколошки точки, за која постојано алармираат жителите и еколошките здруженија од овој реон. Додека нашите туристички центри се задушуваат од канцероген воздух, градоначалниците на Ресен и Охрид, Јован Тозиевски и Кирил Пецаков, молчат и се кријат од јавноста. Иако секоја нова политичка гарнитура ветува дека ќе го реши проблемот со дивите депонии, ниту СДС, ниту ДПМНЕ, не покажаа капацитет да стават крај на овој екоцид – очигледно затоа што не е профитабилен бизнис за делење тендери и корупција. Од друга страна, министерката Шукова најави дека до крајот на 2024 година ќе биде изградена регионалната депонија во Новаци, што претставува уште едно излитено ветување, со оглед на фактот дека Шукова со години е дел од Министерството за животна средина и од партиската Комисија на СДС – нагласуваат од Левица.

Депонијата Буково според препораките на УНЕСКО требаше да се затвори до декември 2020.

– Изградбата на регионалната депонија во Новаци треба да започне дури во 2024 година, а кога ќе заврши кој знае. До тогаш Буково ќе гори и сите места во околината ќе се трујат во најдиректна смисла на овој збор – потенцираат од 02 Иницијатива.