Македонските ракометари до 19 години остварија победа во вториот и последен натпревар од главната фаза на Светското првенство за ракометари до 19 години, со што се осигура дека не може да биде пониско од 12. позиција на конечниот поредок.
Момците на Раде Стојановиќ денеска ја победија Австрија со убедливи 29-22. Со тоа дојдовме до првите два бода во групата од главната фаза кои се доволни да го освоиме третото место пред Австрија, но зад Норвешка и Данска од кои претрпевме порази.
Според системот на натпреварување, третопласираните репрезентации од четирите групи во главната фаза ќе се сретнат меѓу себе во разигрување за пласман од 9. до 12. место. Во своевидното полуфинале, Македонија ќе се судри најверојатно со Унгарија, в четврток, а потоа со евентуална победа ќе оди на подобриот од Чешка – Иран/Германија во борба за 9. место.
На денешниот меч израмнето беше само во првите десетина минути од натпреварот кога се играше гол за гол. Потоа Македонија одигра одлична одбрана, осум минути не прими гол, направи серија од 3-0 и почна да се одлепува. На полувремето беше 14-8 за нашите момци. Во вториот дел без проблем ја одржувавме позитивата, конечниот резултат беше 29-22.
Мирче Калајџиески со своите шест гола беше прогласен за играч на натпреварот, а шест постигна и Ненад Белистојановски. Пет додаде Давид Димевски, а Давид Брестовац запиша шест одбрани.
[/et_pb_text][/et_pb_column][/et_pb_row][/et_pb_section]