ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Према Аполодор (Библ. III, 15, 1), ќерката на Леонт Пракситеја се омажила за античкиот херој и син на атинскиот крал Пандион, подоцна крал на Атина. Од нивните синови често се спомнуваат Кекроп, Пандор и Метион, а од ќерките, Протогенеја, Пандора, Прокрида, Креуса, Хтоња и Оритија. Кога пророштвото во Делфе објавило дека атињаните ќе го победат Еумолп, елеусински херој и оснивач на елеусинските мистерии на божицата Деметра, ако принесат за жртва една кралска ќерка, Ерехтеј ѝ ја препуштил одлуката на својата жена Пракситеја. Кралицата се сложила да ја жртвува својата најстара ќерка за спас на татковината.


За племето Броми (мрморење, шумолење; или бронос, зоб), на тлото на Македонија, е поврзан уште еден мит кој се однесува на митскиот крал Мид, прочуен по своето големо богатство и мудрост.
Мид е син на големата божица Ида и Сатир. Тој бил крал на македонската област Бромија, ги сакал задоволствата и владеел со Бригијците или како што уште ги викале Мојсинеците (Гревс 1990, 244). На стрмнините на македонската планина Бермион (Каракамен, 2052м.), покрај реката Халиакмон (Бистрица), Мид имал прекрасни градини во кои растеле најмиризливите рози со цветови од шеесет ливчиња (Херодот, VIII, 138).


Со Мид се поврзани многу легенди. Првата се однесува на Мид додека уште бил во лулка. Тогаш боговите со еден знак го навестиле неговото идно големо богатство. Имено, еден ден сите биле изненадени кога виделе голема поворка мравки како носат зрна жито и го ставаат во устата на детето. Зрната биле од зоб (бромос), по што оваа област во Македонија е именувана како Бромија.
Со ова име се нарекувани и нимфите Бромии (оние кои јачат, офкаат), вечно убави и млади ќерки за Зевс, кои живееле во слободна природа, по планините, пештерите, шумите, полињата и покрај вода. Бромиите го чувале во Македонија и богот Дионис, син на Зевс, кој се претворал ту во јарец, ту во овен. Кога Мид пораснал, учител му бил Орфеј, син на Пиер, а внук на Македон.
Еден ден во градината на розите на Минд, заскитал жеден и добродушен, стариот сатир Силен, кој бил воспитувач и другар на богот Дионис. Мид сакал Силен да го подучи на мудрост и за да го постигне тоа, да го придобие мудрецот, се послужил со лукавство. Знаејќи дека Силен често навратувал на неговиот бунар за да ја смири жедта, кралот го наполнил бунарот со вино.


Пијаниот Силен го собрале градинарите и врзан со венци од цвеќе го донеле пред кралот. Кога се отрезнил, Силен на Мид му ги раскажал фантастичните приказни за богатството на новиот свет Атлантида, за Хиперборејците од Дунав и друго. На прашањето од пребогатиот крал што е најголемата човечка среќа, Силен одговорил дека најдобро е да не се родиш, а за родените што помалку време да поминат на овој свет. Воодушевениот Мид го задржал Силен десет дена како почитуван господин во својот двор, а потоа со богати дарови го испратил мудрецот кај богот Дионис.


Кога загрижениот Дионис го видел Силен жив и здрав, пратил гласник да го праша Мид каква награда сака. Кралот посакал сè што ќе допре да се претвори во злато. Така, по допирот на Мид, се почнало да сè претвора во злато, па дури и храната и пиењето. Несреќен, гладен и жеден, Мид отишол кај Дионис да го ослободи од дарот кој носи беда. Ослободувањето од златоносниот допир следел по капењето во реката која оттогаш станала златоносна.


Европа и нејзиниот брат Кадмо тесно се поврзани со македонската митологија. Спрема најстарото предание (Хомер, XIV, 321), Европа била љубовница на Зевс и ќерка на Феникс, митскиот предок на Фениќаните, кој бил син на Агенор, крал на Тир или на Сидон и Телефас. Други автори проповедаат дека Европа била ќерка на Агенор, сестра на Феникс, Килик и Кадмо.
Етимолошки името Европа припаѓа на палеоглосологијата на Балканот и се состои од кованиците: широк, широка, пространа и зборот опс, опосналик, лице, односно широко лице. Во митот, Европа е преубава девојка, облечена во пурпурно здолниште проткаено со злато. Често си играла со другарките на брегот на морето крај Сидон.


Еден убав сончев ден, додека берела цвеќе и весело играла оро, му го привлекла вниманието на Зевс, кој страсно се вљубил на прв поглед и за да ѝ се приближи, се претворил во бел бик, со златни рогови и мирисал со мирис на ружа и шафран. Европа без страв му се приближила на убавото животно, почнала нежно да го милува, а потоа со златната кошница за цвеќе во рацете, се качила на грбот на мирното животно. Ненадејно бикот јурнал со својот плен како ветер во морето и брзо како делфин, во придружба на богот Посејдон, Нереј и нимфите, ја пренел Европа на островот Крит. Тука Зевс се споил со својата миленица, која му родила три сина, Миној, Радамант и Сарпедон. Славата на овие моќни и мудри синови на Зевс се пренела низ целиот свет и биле судии на подземниот свет.


На Крит Европа се омажила со кралот Астерион, кој ги усвоил нејзините синови од Зевс. По смртта на Астерион, крал на Крит станал Миној кој бил славен и праведен владетел, законодавец и судија. Живеел во „херојското време” и владеел со Крит три генерации, пред почетокот на Тројанската војна (Диодор Сиц. IV, 60, 2 и XXXIII, 10).


Кога кралот Агенор дознал за грабнувањето на неговата единствена ќерка , ги пратил своите синови да трагаат по неа, заканувајќи им се со смрт ако се вратат без сестра им. Феникс отпатувал на запад, дошол до денешен Тунис и таму го основал градот Картагина, но по извесно време се вратил во Сидон и станал митски предок на Фениќаните.


Килик отишол на југ на Мала Азија и таму го основал своето кралство Киликија и останал во него. Кадмо со мајка си Телефас запловил во правец на островите Род, Тер и Тас стасале во земјата на Едоњаните во Источна Македонија, меѓу реките Струма и Места, каде Телефас умрела. По нејзиниот погреб, Кадмо со својата придружба, пеш преку Македонија се упатил во Делфиското пророштво да се информира каде да ја најде сестра си Европа.


Питија го советувал да се откаже од трагањето и наместо тоа, да појде со една крава и да изгради град каде што таа ќе падне од замор. Тргнувајќи од Делфе, по патот кој водел од Фокида кон исток, Кадмо купил крава од кралот Пелагон, која слободно се упатила кон Беотија и тука, на местото каде племенитото животно паднало од замор, сега се наоѓа градот Теба. Кадмо го жртвувал животното на божицата Атена и го изградил утврдувањето Кадмеј и градот Теба. Станал крал на Теба и Беотија и се оженил со Хармонија, со помош на богот Зевс. Сопружниците живееле среќно и добиле пет деца. Во длабока старост ја напуштиле Теба.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН