Вредните црвени чевлички беа пронајдени во акција на ФБИ уште во 2018 година , откако беа украдени од музејот „Џуди Гарланд“ во август 2005 година, пренесува „Си-би-си Минесота“.
Дури по 18 години од кражбата, во вторникот, федералните обвинители го обвинија Тери Мартин (76) од Минесота за кражба на ова културно наследство.
Пронајдените чевлички се еден од четирите оригинални пара што постојат. Истражувачите во 2005 година изјавиле дека чевличките биле украдени од музејот „Џуди Гарланд“ во Гранд Рапидс, Минесота, при што крадецот го скршил прозорецот од задната врата на музејот за да влезе внатре. Немало отпечатоци од прсти и не се вклучил алармот.
Црвените чевли се централен фокус во филмот „The Wizard of Oz“, со сцената, кога Дороти ќе ги спои петите од чевличките и ќе рече „нема место како дома“, таа се враќа назад во Канзас.
Документите за обвинението кои се објавени во вторникот, не содржат информации за тоа што доведело до апсењето на Тери Мартин. Извршниот директор на музејот, Џени Хајц не смета дека осомничениот некогаш бил вработен во музејот.
Култните чевлички се проценети на 3,5 милиони долари, соопштиле од американското обвинителство за округот Северна Дакота, кои биле осигурани на 1 милион долари во моментот кога биле украдени пред речиси 18 години.
Уште еден пар црвени папучи се во Институтот „Смитсонијан“ во Вашингтон, а друг пар бил купен во 2012 година од „Академијата за филмски уметности и науки“.