По скандалозното однесување на годинашното издание на реномираниот фестивал „Санремо“, пејачот Рикардо Фабрикони, попознат како Бланко, им се извини на организаторите со објава на социјалните медиуми.
Имено, за време на неговата изведба на песната „L’Isola Delle Rose“, дошло до технички проблеми со звукот. Евидентно револтиран од проблемот, пејачот почнал да ја демолира сценографијата со илјадници рози, создадена специјално за неговиот настап и неговата нова песна. По скандалозното однесување на Бланко, сцената била целосно уништена.
Публиката во салата „Аристон“ го „поздравила“ младиот пејач со свирежи и критика за неговото непристојно однесување.
„Јас му се извинувам на градот на цвеќињата“, стои во краткиот опис на фотографијата на која е неговото писмо во кое се извинува, алудирајќи на градот Санремо, кој е познат и како „град на цвеќињата“.
„Цветовите паѓаат, цвеќињата се кршат, завесата паѓа, Аристон. Те оставив во солзи како мајка ми. Ме виде кревок како дете. И еве, токму тука каде што ме научи да трчам, јас паднав. Паднав на лице и плачам, Аристон. А, потоа… јас се смеам. Затоа што не сум совршен како што сакаше да бидам, но конечно тоа сум јас. Те сакам, Аристон. Со сета моја глупост“, пишува Бланко во писмото.
Како потсетување, годинашното издание на фестивалот „Санремо“ ќе се одржи од 7 до 11 февруари. Традиционално, победникот на „Санремо“ ќе биде годинашниот претставник на Италија на годинашниот Избор на песна за Евровизија.
Минатата година, претставници на Италија беа Махмуд и Бланко со песната „Brividi“. Тие го освоија високото 6. место.
Последната евровизиска победа на Италија се случи во 2021 година, кога рок-групата „Манескин“ се искачи на врвот со песната „Zitti e buoni“.
После шведската поп-група „АББА“, италијанските рокери важат за едни од најуспешните победници на Евровизија во светски рамки. Доказ за успехот на „Манескин“ е и нивната номинација на годинашните музички награди Греми, во категоријата „Најдобар нов изведувач“.