ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Археолошките истражувања на Балканот воспоставиле постоење на богата материјална култура на неолитските заедници, чие потекло достигнува длабоко во праисторијата. До развој на неолитската економија и размножувањето на населението дошло најпрво во Месопотамија и Египет, со повлекување на последниот леден период, околу десет милениуми п.н.е. Во потрага по подобар живот, дошло до миграција на населението во различни правци. Многу сродни заедници преку Дунав, Мала Азија и Егејскиот басен, го населиле Балканот, а преку долините на Вардар, Морава и Дунав стасале до Европа.


Во Егејскиот басен создадена е една нова цивилизација, поинаква отколку на Блискиот Исток, која претставува основа на европската цивилизација. Тоа се културите на Средно Подунавје во мезолитот, посебно Лепенски Вир, потоа Миноја на Крит, Кикљадски острови, Неа Никомидеја кај Солун (7 000 години п.н.е.), Сескло (5 000 години п.н.е.) и Димини (3 000 години п.н.е.), во Тесалија, Арменохора, Дупјак, Нестрам, Корешча, Горенци во Западна Македонија вдолж реката Бистрица итн.Следат културните остатоци по должината на реките Вардар, Црна, Брегалница (Порадин, Анза, Вршник, Зелениково и слично, чија старост достигнува до 6 000 години п.н.е. Овие култури во историјата се означени под единственото име „егејска култура“ или „палеобалканска култура“.


Носители на таа култура се народите со протоиндоевропско потекло, кои на овие простори станале познати од околу 6 500 години п.н.е., датум кој ја претставува неолитската хронологија за Балканот. Во зависност од географските и климатските услови, разни сродни племиња од овој регион ја развиле неолитската економија, која заради нивните талкања се состоела од лов, риболов, собирање храна и сточарство. Потоа, бидејќи ја изгубиле слободата на движење, биле принудени да се населат во плодни области покрај реки во Панонија, Македонија, Тракија, Тесалија, на Пелопонез итн.
Мирољубивото население постепено најпрво ги развило рударството и сточарството, а потоа извесен број занаети, како што се кожарство, шумарство, ангиопластика, изработка на текстил, бродарство и слично. Човечките заедници создавале села и градови и ја развивале меѓусебната комуникација во трговијата.

Јазикот на комуникацијата на овие племенски заедници бил еден единствен во целиот Егејски басен, преку Мала Азија до Кавказ (Томсон, 1954, стр.188). Нивното писмо било линеарно, откриено на Крит. Према Херодот, (V,58), фонетскиот алфабетски систем на Балканот дошол од Феникија, околу 1313 година п.н.е., додека спрема митологијата, азбуката во Македонија ја создал Орфеј. Новото алфабетско писмо во фонетски облик, усовршено е во Јонија во Мала Азија, во IX век п.н.е., од страна на Јоните кои не биле Елини. Други сметаат дека тоа е македонското „дупљак“ или „винченско писмо“.
Првите заедници на Балканот историографите ги означиле: на север Бореи, во Тесалија-Еоли, Минијци, Лапити, Тирои и Пелазги ( сложен збор: pelas – наблизок роднина и den – да дојде на свет, да се роди, т.е. роднини, домородци), на Крит Минои, на островите Лелеги, во Мала Азија Карими, Лиѓани, Дордани, Јони, Ливии итн.


Ако се земе како ориентација географската ширина, тогаш татковината на Пелазгите на Балканот е јужно од географската ширина од 40º – 36º, т.е. на линијата: Олимп, Хасиа, Пинд, вклучувајќи го и Пелопонез, именувана како Пелазгија (од зборот геа-земја), (Херодот, II, 56), а жителите како Пелазги. Северно од оваа зона, просторот помеѓу 40 – 41 е именуван како Македонија, додека северните делови како Пелагонија, Поенија и Тракија.Северно била Бореја, а уште понатаму Хипербореја.


Во јужниот сектор во Пелазгија биле племињата: Треспрочани (theos-бог и protos-живот, т.е. првобожци), Пераби (pera-преку и vios-живот, т.е.пречани), Магнети, Минијци, Лапиди и Тирои во Тесалија (подоцна познати како Тесалии), Акарнани и Лелеги, Дриопи, Локри, Беоти и Атичани, во централниот дел на копното. На полуостровот Апис (подоцна Пелопонез) живееле Аркади, Егијалајци, Лелеги, Кавконци, Јоњани. На егејските острови биле Пелазгите како Лименеи, Лезбијци, Самљани, Хији итн., потоа Кари и Лелеги итн., кои живееле на јонските острови.


Во средниот сектор во Македонија истотака живееле многубројни племиња како што се: Кисии (Бршлени), Крестонци (Ветропири), Халкѓани (од земјата на бакарот), Македонци (Горштаци, чесни, грижливи, вредни), Броми (Зобјани), Алпопии (Солари), Ботијаи (Сточари), Сели (Блескави, сјајни), Пиери (Светогорци), Бордаи (Славеници), Елимејци (Криворечани), Линкести (Рисани), Црести (Планинци), Дасарети (Шумадинци или Ормани), Енхелејци (Јагулари), Беоти (Говедари), Мигдонци (Мелези) итн.

Во северниот сектор најзначајните племиња се Пелагонците (pelas-роднина, рамница, морска ширина и gonia-агол, или gonimos-плоден, т.е. плодна рамница односно Доленици): Дериопи (derris, deros-кожа и opoi-каде, т.е. Кожари), Амфаксити (Дрводелци), Парорбели (подоцна Пиринци), Бисалти (Колебливци), Одоманти (Гатачи), Синти (Разбојници), Пеонци (Бесмртни-вечни), со околу десет различни племиња меѓу Аксија и Стримон.


Секако дека најисцрпни информации за Пелазгите дал таткото на историјата Херодот (I, 56, 57, VI, 137, VIII, 44 итн.). Тој ги следи уште од митолошките времиња, па сè до крајот на животот (484-431). Потоа следат Тукидид, Хомер, Диодор, Страбон и многу други. Во подоцнешните години Пелазгите биле заборавени. Меѓутоа, во XIX век н.е., вниманието на Пелазгите го свртува Fittboten (1862) со што започнува современото проучување за нив, т.н., пелазгологија. Таа го обработува археолошкото наследство, од митолошки, историски, етнолошки, културен и други аспекти, посебно од лингвистичка природа.


Археолошките и глосолошките елементи на Пелазгите, мошне студиозно ги истражувале, во своите пионерски трудови: Kretchmer (1892, 1896, 1925 ), Thomsen (1899), Bruck (1933), Georgiev (1941-45 и 1972), Windekens (1952), Schachermeyr (1964), Mellaart (1966) и други. Од грчките глосолози посебно се ангажирале Hatzidakis (1892, 1905, 1915, 1924), Sakelariou (1977), Mpampinioti (1986) и други. Хипотезите дека многу глосолошки елементи на староседелците на Балканот, со паралелни семантички, морфолошки, фонолошки и други аспекти, кои етимолошки и со превод не можат да се изведат од јазиците на Грците и соседните земји, довеле до единствен заклучок дека во прашање е еден посебен глосолошки супстрат со протоиндоевропско, т.е. палео-балканско потекло.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН