ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Во составот на експедицискиот корпус, чие јадро го сочинувале Македонци, во копнената војска имало 34.000-43.000 војници и 4.000-5.500 коњаници, со потребна воена техника и опсадни машини. Командувањето со трупите било во рацете на македонската аристократија „хетера” (пријатели, односно другари на царот), со околу 1.500 витези. Личната гарда „агими”, која била ударна сила на младиот крал, формациски изнесувала 6.000 тешко и 3.000 лесно вооружени пешаци и коњаници (Пановиќ, 1.983, 43).
Меѓу војсководците се истакнувале Парменион, Филот, Никанор, Пердика, Антипар, Антигон, Лисимах, Селеук, Птоломеј, Касандар и многу други, кои подоцна ќе станат цареви во посталександровите македонистички држави.
Во штабот на армијата, покрај воените команданти и советници, биле и научници и филозофи, како што се историчарите Калистен и Аристобул, филозофот Анаксарх, пиротехничарот Пирон, географи, трговци и друго. Внукот на Аристотел, историчарот Калистен, покрај другите обврски имал задача да ја води коресподенцијата и да издава дневен воен Билтен (Рановиќ, 1983, 44 стр.). Што се однесува до учеството на сојузниците, нивниот придонес бил следен: Тесалците дале 600-1.500 коњаници, Тракија и Коринтскиот сојуз околу 7.000 пешаци кои ги обезбедувале помошните служби (интенданската, ветеринарната и слично), а покрај овие имало и некои елински наемници.
Во морнарицата имало околу 170 бродови, од кои 20 биле земени од Атињаните и околу 20 од островот Хија, чии грчки екипажи биле повеќе како заложници отколку сојузници (Рановиќ,1983, стр.44).
Финансиското обезбедување изнесувало 70 таланти. Во споредба со сумата од 300 таланти кои Демостен ги добил од Персија во 335 година п.н.е, за организација на востанието во Елада против Александар, овој износ очигледно бил многу скромен (Диодор, 17, 8, 5).
Силите на непријателот во реализирањето на непосредната цел биле повеќе од десет пати појаки, како во копнената војска, така и во морнарицата. Покрај тоа, Персијците имале под наем грчки доброволци од околу 30.000 воини, под команда на Гркот Мемнон од Родос и цела средоземна флота на Персија која била господар на морските патишта.
Во проценката на ситуацијата, Македонците имале во обзир дека јонските, лиѓанските и другите полиси од западниот дел на Мала Азија, ќе им биле наклонети ним, зашто настапувале како ослободители или пак ќе бидат неутрални.
За подготвениот поход, македонската армада тргнала од престолнината Пела и военото пристаниште Амфипол, во пролетта 334 година п.н.е. По 20 дена движење и преминување на Хелиспонд, дошло до судир на непријателските формации. По молскавичниот пораз на персиската војска и грчките наемници на реката Граник, Александар со последователни борби и победи ги ослободил Јонија, Ликија и цела западна и централна Мала Азија, со егејските острови.
Есента 333 години п.н.е., во битката на реката Ис, македонскиот цар ги победил здружените сили на персискиот цар на царевите Дариј III Кодоман и околу 30.000 грчки наемници (Аријан I, 16, 24 и Диодор XVII, 24, 1). Оваа Александрова битка во која имало многу малку загуби кај Македонците, по своите успеси, резултати и последици е најголема битка во светската историја (Рановиќ, 1983, стр.47). Во оваа битка на Ис, покрај големиот број заробени непријателски војници и официри, оружје, злато и др., заробено било и царското семејство. Во ропство паднале мајката на Дариј, жената, сестрите, двете ќерки и синот, додека царот побегнал.
Исходот на оваа победа имал голем одек во Македонија и Елада. Коринтскиот сојуз донел одлука Александар да се овенча со златен венец, како акт на благодарност во име на цела Грција, па на победникот му испратил 15 пратеници да го сторат тоа. На жителите на освоените територии во Мала Азија дадена им е слобода, а на полисите самостојност наместо приклучување во Коринтскиот сојуз, како што посакувале Елините, така што панелинската идеја во главите на македонскиот штаб ја губела целта.
Со овие активности Македонците во потполност и за многу кратко време ја исполниле својата поблиска задача. Тука созреала идејата за освојување на цела Персија и создавање на единствена светска држава, со единствена управа и единствен економски систем.
Во дотогаш освоените територии, организацијата на управување е спроведувана под единствен принцип. За воена управа и финансии, Александар секогаш поставувал само Македонци, додека цивилната управа ја оставал на домородците.
Јудеја и Египет. Во Мемфис на Александар му се укажани сите почести како ослободител на земјата и е прогласен за наследник на фараоните. Во почетокот на 331 година п.н.е., македонскиот владетел на устието на реката Нил, го изградил градот Александрија. Тоа исто го сторил и во Газа. Во овие градови донел колонисти од Македонија и Елада. Во подоцнешните години, Александрија ќе стане најважен научен и трговски центар на светот, не само во елинистичкиот туку и во римскиот период, сè до процветот на Цариград. Персиската морнарица се предала, по заземањето на Либија, со што Македонците станале господари на источното Средоземје.
Александровиот престој во Египет е врзан со една интересна анегдота, која е проткаена со романтичната природа и мистицизмот на младиот освојувач. Се работи за посетата на Оаза Силва во Сахарската Пустина, каде било светилиштето на богот Амон-Зевс. Неговата оддалеченост од Александрија е 600 км низ беспатица и безводна сурова пустина. Дистанцата била премината за кратко време, што се смета за значајно достигнување во извежбаноста, добрата кондиција и војничката способност. Во храмот на богот Амон (бог на боговите), Александар бил прогласен за Амонов син, што оставил силен впечаток во целата Империја.
Враќајќи се во Тир, експедицискиот корпус добил појачување во луѓе и опрема од Македонија, од Антипатр. Консолидирајќи ги своите сили, Александар направил добар гест кон Атина со тоа што ги вратил заробените Грци кои како наемници се бореле во персискиот табор. Во есента 331 година п.н.е , македонскиот гувернер Антипатр го задушил бунтот на спартанскиот крал Агист III. Оттогаш, па сè до Александровата смрт, ниеден елински крал не се побунил против Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН