После 13 години и славната триплета во ерата на Жозе Мурињо и со Горан Пандев како важна алка, Интер повторно ќе игра финале во Лигата на шампионите, шесто во историјата и ќе се бори за четвртата европска титула, после вечерашната заверка на пласманот со втора победа во „дерби дела Мадонина“ против градскиот ривал Милан со 1-0 (2-0 во првиот меч).

Аргентинската ѕвезда Лаутаро Мартинез во 74-та минута со голот го завери пласманот во слабото полуфинале, посебно од безидејниот Милан, кој имаше само желба за пресврт и после двете шанси што ги пропушти во првиот дел, во вториот не направи ама баш ништо.

Интер и Милан повеќе се „тепаа“ на теренот, со преку 30 прекршоци, далеку над просекот во европскиот фудбал, а „нераѕурите“ дочекаа еден момент за заверка, за разлика од „росонерите“ кои после пропуштените шанси на Брахим Дијаз и Рафаел Леао во нешто повеќе од пола час од стартот на мечот, Милан неочекувано одигра ужасно лошо во вториот дел, кога требаше да тргне на сѐ или ништо, ама шанса не направи.

Предноста од два гола на Интер по првиот меч им даде предност мирно, со игра без ризик и добро затворање на просторот, „нераѕурите“ да чекорат кон финалето, што на крај успеаа да го направат и сега го чекаат победникот од пресметката Манчестер Сити – Реал Мадрид, утревечер на „Итихад“ (1-1 по првиот меч), за да дознаат против кого ќе се борат за европската титула.

Интер има три европски титули од 1964, 1965 и 2010 година, а две загубени финалиња во 1967 и 1972 година.

Финалето е на 10 јуни на стадионот „Кемал Ататурк“ во Истанбул.