Според последните информации, единствениот законски наследник на имотот Грејсленд ќе биде Рајли Кио, една од трите ќерки на покојната Лиза Мари Присли, пренесува „Вашингтон пост“ (The Washington Post).
Рајли Кио, поднела петиција до Врховниот суд во Лос Анџелес за да се одобри спогодбата што таа ја постигнала во мај, со нејзината баба Присила Присли и поранешниот сопруг на Лиза Мари Присли, Мајкл Локвуд.
Во петицијата се дознаваат нови детали од договорот со кој се става крај на потенцијално, долготрајниот семеен спор, околу наследството и контролата на имотот на покојната Лиза Мари Присли, кој го вклучува замокот Грејсленд во Мемфис и многу од личните имоти на познатиот пејач Елвис Присли.
Според договорот, Присила Присли во иднина може да биде погребана во Грејсленд, кој сега ќе го поседува младата Рајли. Во меѓувреме, таа е должна на својата баба да ѝ исплати 1 милион долари и да ѝ врати дополнителни 400,000 долари за правни трошоци и такси.
Инаку, Лиза Мари, единственото дете на Елвис Присли, почина на 12 јануари во болница во Калифорнија на 54-годишна возраст, а причината за нејзината смрт сè уште не е објавена. По смртта на Лиза Мари, нејзината мајка Присила започна правен случај со кој ја оспоруваше контролата на Рајли Кио, врз целиот имот на семејството Присли.