Тревор Хутон, кој по потекло е од Канада, а живее во Австралија, отворил фирма која нуди необични услуги. Меѓу другото, фирмата нуди и прегратки.

Фирмата се нарекува „Имбрејс конекшнс“. Услугата за еден час гушкање што ја нуди фирмата чини 85 евра. Целта на компанијата е преку овие услуги да им помогне на луѓето подобро да се поврзат.

– Целта на мојот живот е да им помогнам на луѓето да научат подобро да се поврзуваат и да водат подобри животи. Моето искуство со движењето, работата и инженерството, како и мојата страст за поврзување, придонесоа да ја создадам „Имбрејс конекшнс“ и да понудам низа решенија кои им помагаат на луѓето подобро да се поврзат – напишал основачот на официјалната веб-страница на фирмата.

Тревор открива дека бројот на клиенти постојано расте, што покажува дека луѓето имаат потреба од допир и поврзаност. Пред отворањето на фирмата Тревор бил учител по акројога, терапевт за галење и инженер по роботика.

Фирмата нуди часови за гушкање и галење, но и индивидуални обуки за подобро поврзување, работилници за поврзување за групи, масажи за парови и акројога.