„Опенхајмер“ беше премиерно прикажан пред три недели и оттогаш заработи 552,9 милиони долари ширум светот, што го прави филм со најголема заработка за Втората светска војна на сите времиња.

Universal Pictures соопшти дека тоа е филм со најголема заработка во годината со R-оцена, што значи дека не е препорачлив за помлади од 17 години без придружба на родител или старател.

Си-Ен-Ен објави дека Опенхајмер е еден од само четирите биографски филмови кои заработиле повеќе од половина милијарда долари на глобално ниво, заедно со Боемската рапсодија, Страста на Христос и Американскиот снајперист.

„Опенхајмер стана еден од најценетите и најуспешните летни филмови што некогаш биле издадени од големо студио. Филмот ја покажува моќта на одличното создавање филм“, изјави медиумскиот критичар Пол Дергарабедјан за Си-Ен-Ен.

Филмот, во режија на Кристофер Нолан, е заснован на книгата „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опенхајмер“, добитник на Пулицерова награда од 2005 година, од Каи Бирд и Мартин Џеј Шервин. Книгата, како и филмот, детално го опишува животот на научникот, на проектот Менхетен и, се разбира, експлозијата што го промени текот на историјата.