Три куќи и две помошни простории изгореа во кумановските села Бељаковце и Руѓинце во пожарот што беснееше синоќа на поширокиот регион јужно од патот Куманово – Крива Паланка, во кој изгореа најмалку 100 хектари нискостеблеста шума, а кој изутринава е целосно изгаснат – информира Центарот за управување со кризи.

Пожарот се гаснел во текот на ноќта поради опасноста огнот да зафати и други села и куќи, зашто се ширел во два правца со линија подолга од еден километар, а било ризично да се чека до раните утрински часови, кога можат да гасат полициски и армиски хеликоптери, велат од ЦУК.

Во гаснењето учествувале пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане, Ранковце и од Крива Паланка, а ЦУК побарал и добил засилување и од Кавадарци, Штип, Свети Николе и од Куманово.

По двочасовна борба, огнот целосно бил изгаснат, а дежурна екипа на пожарникари од ТППЕ Кавадарци и Штип останала на терен за да ја следи состојбата. Денеска изутрина немало никакви знаци на горење, велат од ЦУК.

Изминативе денови тетовските пожарникари интервенираа на повеќе шумски пожари во Теарце и во Боговиње, каде со пожар биле зафатени повеќе хектари.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Тетово, Авни Амети, вели дека е уморна целата ПП-екипа од секојдневните интервенции.

– Дваесетина пожари во текот на изминативе пет дена се изгасени со брза интервенција, за да се стават под контрола и да се избегнат состојби како во Грција – изјави командирот.

Тој рече дека летово, состојбите покажале оти мора да се направат промени во оваа дејност, со цел поефикасно работење на пожарникарите. За да имаат повеќе средства за работа, како што се посочува, добро би било Владата да го централизира финансирањето на пожарникарските единици.