По пауза од речиси четири децении струмичките археолози повторно започнаа да вршат археолошки истражувања на локалитетот „Свети 40 Севастиски маченици“ во селото Банско. Црквата посветена на Светите 40 маченици е откриена во 1984 година.
Тимот на „НУ Завод и Музеј Струмица“ го предводат археолозите Душко Цветанов и Ване Секулов.
Се работи за средновековна црква која била епископско седиште и претставува значаен културен споменик од периодот на 12 и 13 век и една од ретките во Македонија која има форма на слободен крст. Новите истражувања покажале дека веднаш до црквата постои дополнителна архитектура, но и некропола која според гробните наоди датира од 12 и 13 век.
Сакралниот објект поседува синтронос на источната страна што упатува на заклучокот дека била епископско седиште. Во 2021 година на црквата биле извршени конзерваторски-реставраторски работи со што овој значаен споменик на културата за средновековната духовна култура на Струмица и струмичко во континуитет го добива својот заслужен третман, информираа од „НУ Завод и Музеј Струмица“.
Црквата е сместена во самото поле, на рамен терен и е оддалечена на околу еден километар и од денешното, но и од средновековно Банско. Самата локација покажува дека во минатото во овој регион се наоѓала и една од најбитните комуникации.Во средниот век во околина на село Банско имало голем број на средновековни локалитети, што значи дека имало доста активен средновековен живот. Банско се споменува често и во историските извори, исто така над селото Банско се наоѓа уште еден значаен локалитет доцноантичка тврдина Термица, спомената во историските извори од страна на Јован Скилица, и е најверојатно една од тврдините со која Цар Самуил управувал во струмичкиот регион.