Во независната истрага се укажува дека грчката крајбрежна стража не само што е директно одговорна за тонењето на бродот со мигранти, туку е одговорна и поради тоа што не им помогнала на сериозно загрозени луѓе на брод без мотор и навигација, а и речиси половина час не им помагала на давеници на површината

Независна истрага спроведена од новинари од Грција, Британија и Германија укажува дека грчката крајбрежна стража била одговорна за бродоломот на претовареното рибарско бротче на пат од Либија до Италија на 14 јуни. Од преку 700 луѓе во бродот, спасени се само 104. Од водите се извлечени и стотина мртви тела. Се претпоставува дека преостанатите, околу 500, се во остатоците од „Адријана“ на дното од амбисот Калипсо, најдлабоката точка од Средоземно Море, 5 километри под површината.

Во првите часови по бродоломот, Крајбрежната стража (ХКГ) објави спротивставени извештаи за трагедијата. ХКГ прво отфрли одговорност, тврдејќи дека луѓето на рибарското бротче одбивале помош.

Резултатите од истрагата на британскиот весник „Гардијан“, германскиот јавен сервис „АРД-НДР-Функ“ и грчкиот истражувачки портал „Соломон“ значително се разликуваат од официјалниот извештај за инцидентот, составен од грчката крајбрежна стража. Репортерите направиле нтервјуа со 26 преживеани патници, ги анализирале официјалните документи од крајбрежната стража и направиле компјутерска симулација за движењето и последните моменти од рибарското бротче. Интерактивната тридимензионална компјутерската анализа ја направило берлинското студио „Форензис“. Во анализата биле вклучени податоците од дневникот на грчката крајбрежна стража, траекториите на движење, сателитски снимки и видео-снимки направени од комерцијални бродови што поминувале.

Без навигација и мотор
Рибарскиот брод „Адријана“ со повеќе од 700 луѓе на него, распоредени на три нивоа (под палубата, на палубата и над палубата) на 14 јуни тргнал од Либија кон Италија и потонал во грчката зона за претрага и спасување во Средоземно Море, 47 наутички милји од Пилос, откако бил пресретнат од бродот „920“ на грчката крајбрежна стража.

Мигранти што го преживеале бродоломот раскажале дека бродот немал системи за навигација и капетанот се раководел според позицијата на сонцето. Моторот се прегреал и изгубил моќ, поради што во последните часови од пловидбата бродот речиси и да не се движел. На палубите било претесно и не можело да се помине. Најмногу луѓе имало под палубата, а на целиот брод меѓу 720 и 750 луѓе. Двајца мигранти починале од дехидрација уште додека бродот се приближувал кон Грција. Нема ниту еден преживеан од луѓето што биле под палубата и во специјалната просторија за жени и деца, која била на средната палуба.

Рибарскиот брод бил забележан утрото на 13 мај. Европската агенција за заштита на копнените и морските граници Фронтекс, како и грчката стража, го фотографирале бродот, но не спровеле акција за претрага и спасување, бидејќи тоа наводно го одбил капетанот на рибарскиот брод.

Во 15 часот реагирал бродот „920“, кој тргнал од Крит, оддалечен 150 наутички милји, иако имало и други патролни бротчиња поблизу до местото – во Пилос, Патрас, Каламата и Неаполи Војон. Кога на полноќ „920“ се приближил до загрозениот брод, според сведоштва на патниците дадени до обвинителите и до истражувачките медиуми, луѓе од крајбрежната стража им порачале на мигрантите дека ќе ги одведат до брегот на Италија. Оваа информација е спротивна на забелешката во дневникот на капетанот на „920“, во која се тврди дека бротчето само тргнало кон запад, со брзина од 3 јазли. Телеметриски податоци укажуваат дека бротчето се движело со брзина од речиси 5 јазли, најбрзо во тој ден, што се толкува дека брзало за да го следи водичот. По 47 минути, моторот се прегреал и запрел, а бротчето скршнало кон југ, со брзина од 0,6 јазли. Во официјалниот извештај, пак, е наведено дека „бротчето продолжило да се движи кон запад, со намалена брзина“.