На 1 и 2 септември, во македонскиот Ерусалим, на величествената сцена на Долни Сарај, ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер, кои ќе ги следат акредитираните новинари. Секако и екипата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press, кои се едни од медиумските помагатели и пријатели на оваа значајна музичка манифестација во овој дел од Европа. Водителска двојка и овој пат ќе бидат сексапилната Марјана Станојковска и актерот Васил Зафирчев, а во Фолк вечерта, таа задача ќе ја има Каролина Петковска од МРТВ

Подготовките за 30. јубилејно издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид- фест-Охридски трубадури 2023“, се во полн ек, велат за весникот ВЕЧЕР од организацијата. Работата е обемна, сложена и ни најмалку лесна. Но најважното е тоа – 30. роденден ќе се слави со песна. На 1 и 2 септември, во македонскиот Ерусалим, нашиот прекрасен Охрид, на величествената сцена на Долни Сарај ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер, кои ќе ги следат акредитираните новинари.

Интернационалната вечер е посебна приказна. Уметнички директор е Горан Шарац, а во таа вечер во ревијалниот дел ќе блеснат: Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ… Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“, снимена 1973 година, хит-евергрин кој постои 50 години. Мегапопуларната Неда Украден ќе ја добие награда за безвременскиот хит „Зора је сванула“, што ќе го изведе во живо на сцената на Долни Сарај.