Во моментов има повеќе испразнети амбасадорски места и тоа во клучни престолнини во Европа, што се наши стратешки партнери и нормално дека во рамки на своите надлежности, заедно со претседателот на државата и министерот за надворешни работи, правиме консултации со цел овие места да бидат пополнети, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

За случајот „Онишченко“, тој рече дека новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, веќе имал информација до Комисијата за надзор на безбедносните служби во Собранието.

– Нормално, јас немам извештај од тој состанок, со оглед дека се работи за затворен состанок. Меѓутоа, на една од наредните седници на Владата, со оглед дека не беше завршено излагањето на претходниот директор, новиот ќе треба, исто така, да поднесе извештај, се разбира, пак, на затворена седница на Влада, изјави Ковачевски.

Засега е неизвесно кој ќе понесе одговорност и дали биле направени пропусти при доделувањето на македонско државјанство на контроверзниот Онишченко. Новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски, за ова минатиот месец реферираше на затворена собраниска седница.

Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, изјави дека утврдиле пропусти кај едно лице од Агенцијата, но новиот директор Милошевски не откри детали, бидејќи информациите биле на ниво на државна тајна.

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори директно дали одлуката за Виктор Димовски и за останатите амбасадори ќе биде донесена во консултација со шефот на државата и шефот на дипломатијата. Неофицијално, дел од медиумите пренесоа дека Владата веќе одлучила Димовски да си остане во Скопје.

Во исто време, во јавноста како иден амбасадор во Франција се споменува името на поранешниот амбасадор во Израел и поранешен шеф на мисијата во Обединетите нации, Пајо Авировиќ. Земјава има 14 празни амбасадорски позиции, меѓу кои во Германија, Велика Британија, Кина, Бразил и Полска. Во наредните недели претседателот ќе оствари консултативни средби со Владата за пополнување на позициите.