На дарителна вечер организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собрани се 20 илјади канадски долари, наменети за манастирот „Света Марена“ во село Туминец, Мала Преспа.
-На дарителната вечер, присуствуваа Македонци со потекло од Албанија и од цела Македонија. Собраните средства ќе бидат искористени за изградба на камбанарија за манастирот. Искажуваме голема благодарост до Македонците за нивната хуманост, велат од одборот на манастирот.
Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.
-На езерскиот брег се наоѓа и манастирот Света великомаченица Марина, Марена – Огнена Марија каде се чуваат поголем дел од моштите на светицата и каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти. Манастирот датира од 18 век а обновен е 1926 година. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, локација која самата по себе дава дополнителна убавина и привлечност. Лоциран на 50-тина метри од брегот, изграден како малечко манастирче од земја и кал, го преживеал режимот на комунизмот и забраните за прослави. Сега благодарение на благочестивите верници, во тек е реновирањето на манастирот, со што овој божји храм ќе го добие потребниот лик, нагласуваат од манастирот.
Додаваат дека секоја година на 30 јули, кога се слави патронот на манастирот преполно е од народ, верници доаѓаат од Мала Преспа, дијаспората, од Лерин, Охрид, Струга, Ресен, Прилеп.