– Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ се доделува на личности од трите земји на езерото, Грција, Албанија и Македонија, кои со својот ангажман дале значаен придонес во промовирањето на Балканот на општествен и културен план. Оваа година повелбата е доделена на Зоран Пејковски од Македонија, Агири Гаганис од Грција и Бен Андони од Албанија.
Истакнатиот македонски драмски писател и публицист Зоран Пејковски е еден од тројцата годинашни лауреати на наградата Балканот е срцето на Европа-Големата повелба која традиционално се доделува во рамките на фестивалот Актерот на Европа.
Наградата всушност е олицетворение на големата визија и мисија на фестивалот “Актерот на Европа”, кој започна со оддржување во 2003 година, во духот на мислата на Жан Моне “Да се гради Европа значи да се гради мир”. По прогласувањето од страна на Европскиот Парламент на митското Преспанско езеро за меѓуграничен европски парк помеѓу Грција, Албанија и Македонија, Преспа стана нов театарски хоризонт на европеизацијата на Балканот.
Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ се доделува на личности од трите земји на езерото, Грција, Албанија и Македонија, кои со својот ангажман дале значаен придонес во промовирањето на Балканот на општествен и културен план.
Оваа година повелбата е доделена на Зоран Пејковски од Македонија, Агири Гаганис од Грција и Бен Андони од Албанија.
Истакнатиот писател, балканофил и иницијатор на многу културни манифестации и фестивали Јордан Плевнеш е уверен дека уметноста не познава граници. Во многу балкански центри досега ја промовирал девизата на големиот швајцарски писател Никола Бувие, со кого го шетал Балканот вдолж и попреку, а кој во својата книга „Употребата на светот” ја напиша бесмртната реченица: „Балканот е срцето на Европа“. Тоа е единствената дефиниција со која балканските народи можат да постигнат консензус, смета Плевнеш. И токму од таа идеја е водено и востановувањето на наградата која секоја година се доделува на истакнати творци од трите соседни држави.
„Наградата „Балканот е срцето на Европа-Големата повелба“ се доделува секоја година на истакнати научни и уметнички фигури од трите земји на езерото без граници, Грција, Македонија и Албанија. Има веќе една деценија како е востановена оваа награда според мислата на Никола Бувие големиот швајцарски писател, автор на книгата со патеписи „Употебата на светот“, интернационален бестселер познат под името “Библија на писателите патници” во светската литература. Тој го дефинира Балканот како срце на Европа поради тоа што римскиот историчар Тит Ливиј рекол дека првото име на Балканот беше Европа Прима. Значи Балканот беше првата Европа во светската цивилизација.“-вели претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш.
Изборот на наградени секоја година го осветлува творештвото на три личности кои дале особен придонес во промовирањето на Балканот во естетичко поле на заемна соработка, почит и толеранција и создаваат поле на духовно единство.
„Во таа смисла наградата оваа година беше доделена на Бен Андони, кој што е врв на книжевната критика во Албанија, актерот Агири Гаганис од Атина кој што има играно во клучни дела на светската класика и во модерната кинематографија и на Зоран Пејковски кој што со своите импресивни дела во поезијата и во театарската естетика ја олицетворува и македонската гледна точка во балканската историја. Во таа смисла традицијата продолжува бидејќи елитни имиња од трите земји на преспанското езеро се слеваат во едно духовно единство, што беше првата премиса на фестивалот „Актерот на Европа“ дека индивидуалните истории на личностите во науката и културата ја градат европската цивилизација.“-вели Плевнеш.
Во образложението за доделувањето на Повелбата се наведува дека Пејковски покрај тоа што се истакнува како драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист и театарски критичар, тој е единствен натуралист во македонската литература. Избран е за доцент од областа на драматургијата на Факултетот за театарска уметност при меѓународниот универзитет „Европа Прима“ во Скопје. Автор е на 21 драмско дело, 4 сценско драмски рецитали, 25 поетски книги, еден роман, еден препев, 3 публицистички книги, 4 научно истражувачки книжевни дела од областа на театрологијата и над 50 трудови од областа на научната мисла, на литературни критики и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Покрај Големата повелба, Пејковски е добитник е на повеќе домашни и странски награди. Во 2016 ја доби титулата Почесен амбасадор на мирот од Институцијата Светски амбасадори на мирот. Во 2017 година ја доби титулата Академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите. Во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста што ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при ЕУ.
Пејковски за поетската книга „Убавите жени” ја доби наградата „Ацо Шопов” за 2022-ра година, која Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за најдобра книга поезија во претходна година.