Македонката Бети Котовчевска е една од оние кои го практикуваат методот на холандскиот екстремен спортист Вим Хоф, метод кој има три компоненти: правилно дишење, постепено изложување на студ, односно студена вода, и посветеност.

Оваа 27-годишна девојка со голема страст ја истражува Македонија, за која вели дека изобилува со прекрасни езера и водопади каде што може да се практикува капење во студена вода. Нејзиниот личен рекорд е капење во студена вода на минус 33 Целзиусови степени, во финскиот регион Лапонија.

Моментално, таа е на патување во Лапонија, каде повторно ги тестираше границите на својата издржливост и постигна нов личен рекорд – минус 34 Целзиусови степени.

„Еве вака го соборив мојот нов рекорд – мирно, смирено и среќно.

Мештаните на Лапонија ми кажуваа дека не се надевале на толкав пад на температурите баш во почетокот на пролетта, затоа што цела зима ја поминале со најладни минус 27,8 Целзиусови степени.

Но, Бетика беше тргната цели 4286 километри за да си го собори сопствениот рекорд од 2018, којшто ми беше минус 33 Целзиусови степени.

Честитки Бетике, ти успеа!

Вчера беше најладниот ден во Лапонија оваа зима и температурата изнесуваше минус 34 Целзиусови степени, а јас гордо ќе си го додадам овој еден степен како најголема моја победа“, напиша Бети Котовчевска на Инстаграм.