ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Во наредните осум години, Македонија се проширила од Јадран до Црното Море, а на Халкидики градовите паѓале еден по друг. Сето ова носело големи загуби во атинската трговија и престижот. Во настанатите прилики посебно бил изразен многу аграсивниот став на Атина, на чело со најголемиот беседник и водач на антимакедонската партија во Атина, Демостен (384-322).
Во 348 година п.н.е. Демостен ја одржал „Првата Филипика”, каде првпат отворено истапил против Филип и ги повикал Елините во борба против „македонските варвари”. Тој отворено истакнувал дека секој е варварин ако не е Елин, што уште еднаш потврдува дека Елините од тој период, Македонците не ги сметале за Елини. Непријателствата се ределе и покрај „Филократовиот мир”, кој следел меѓу Атина и Македонија, во 346 година п.н.е.
Во пролетта, 340 година п.н.е., македонскиот крал Филип II Македонски војувал во Тракија против Перинт, на Долен Дунав против Скитите и во Горна Мезија против Трибалите. Неговите успеси ја иритирале антимакедонската партија која не можела да се помири со фактот дека Атина ќе ја изгуби политичката хегемонија во егејскиот свет. Заради тоа Демостен не се плашел ниту од сојузот со Персијците, како и од земање на персиското злато за поттикнување војна меѓу Атина и Македонија.
До неминовниот конечен судир меѓу Македонците и обединетата елинска коалиција (Атина, Теба и други освен Спарта) дошло на 2 Август (Илинден), во 338 година п.н.е. во рамницата кај Херонеја во Беотија, каде елинската војска била потполно поразена. Прекалената македонска фаланга и нејзиниот генијален војсководец, кралот Филип II, извојувале голема победа над грчките сојузници. Оваа победа и денес ја симболизира велинчествениот споменик „Лавот Херонеј”.
Оваа значајна победа на воената и економска надмоќ на Македонците и непосредниот Сеелински конгрес, кој бил одржан во 338/337 година п.н.е. на Коринт, претставуваат крај не елинската независност во целина и на поединечните полис-држави посебно, воспоставување на македонска хегемонија и општ мир на Балканот. Во овој решавачки судир, во кој двајцата најмоќни непријатели на Македонија, Атина и Теба, биле совладани, дорска Спарта останала неутрална. Во Атина на Филип му е издигната почесна статуа, додека на неговиот син Александар му е дадено граѓанско право.
Прогнозите на Демостен не се обестиниле. Филип во текот на своето владеење од 24 години, создал многу модерна држава. Најпрво тој склучил спогодба за „општ мир” и сојузништво меѓу Македонија и Елада, а исто и меѓу полисите меѓусебно, со што престанале постојните меѓусебни војни. Морскиот сообраќај станал слободен, па трговијата добила нови можности. Кралот Филип II Македонски станал врховен воен и политички водач. Потврдена е неприкосновеноста на приватната сопственост. Ги ослободил робовите, земјата ја поделил на селаните, со што ги задоволил следбениците на промакедонската партија во Елада.
Бидејќи персиската опасност била постојано присутна, кралот на Македонија го искористил „сојузништвото” со Елините и на Коринтскиот конгрес, 337/336 година п.н.е., е избран за хегемон на сите држави на Коринтскиот конгрес и врховен командант-стратег автократ во војната против Персија, со поcебни овластување.
Бидејќи ги уредил односите со Елините и ги извлекол сите политички консеквенци од својата победа, Филип се вратил во Македонија да се подготви за војна против Персија, бидејќи нивните интереси се судрувале на Егеј, Медитеранот, а посебно на Босфорот. Во пролетта 335 година п.н.е. Филип формирал македонски експедициски корпус, во состав од 10.000 војици под команда на Парменион и неговиот зет Атал, како претходница во Мала Азија. Корпусот без поголем отпор поминал преку Хелиспонт и ја зазел Троја, продрел до Магнезија на Меандра, кога до Парменион стасала веста дека кралот е убиен.
До убиството на македонскиот крал Филип II Македонски дошло за време на мажењето на неговата ќерка Клеопатра со египетскиот крал Александар. Филип бил убиен на свеченостите на дворот во старата македонска престолнина во Егам за време на гимнастичките натпревари.
Кога арената била полна, тргнала свечената поворка со учесниците кои носеле украсени статуи на олимписките богови и величествена статуа на кралот Филип на престол. Кога се појавил Филип, настанало големо воодушевување на присутните, а тој ги замолил своите телохранители да го следат од далечина. Тогаш ненадејно излегол младиот Македонец Паузанија со нож в раце и го извршил атентатот. Прераната смрт на македонскиот крал на 47 години, кој бил најголема воена, политичка и историска фигура, не само на Балканот туку и во Европа, довела до криза во воспоставувањето цврсти односи на Балканот посебно во Елада.
Филиповата смрт била ненадејна. Но неговите дела биле грандиозни. Тој пред сè ја изградил моќна Македонија, со сила ги смирил Елините и зад себе го оставил достојниот наследник Александар Македонски, чија слава не ја помрачила славата на неговиот истотака голем татко. Македонскиот крал Филип II е погребан во Егам во величествена кралска некропола, со гробница каква не е најдена слична во Елада, со должина од 110м, а височина 12 м.ß
Продолжувајќи го делото на своите претходници, посебно на Архелај (412-399 година), Филип II Македонски создал подобри услови за развојот на македонскиот јазик, писмото, филозофијата, историјата, математиката, медицината и др. Свој придонес дале македонските трудољубци, но и знаменити личности од културниот свет на малоазиска Јонија, Елада, Сицилија и други. Познати македонски филозофи од тој период биле Аристотел од Стагира, Атријлат од Тас, Амарија итн.
Потоа Аристобул и Зојл, филозоф и критичар на Хомер, историчарите Динократ и Калистен (кој како шеф на протоколот и како историограф го следел Александар Македонски (Велики), математичарот Леодам, прочуениот лекар Микомах (татко на Аристотел), зографот Полигност, прочуениот Питагора од Абдира, татко на софистите итн. (Е. I. Е., 1976, стр. 1490).
Археолошките истражувања во Требeништa, близу Охрид, во Беранце покрај Битола и во Тетово, потврдуваат дека кон крајот на VI и почетокот на V век п.н.е. Македонија ја заплиснал нов бран на култура и уметнички остварувања со автохтона природа и од соседните култури (Микулчиќ, 1989).
Веќе наведените археолошки откритија на Андроникус (1985) на локалитетот Вергина, во близина на Халиакмон покрај Бероја, ја откриле кралската некропола на Филип II Македонски. Утврдена е на голема длабочина и многу добро е зачувана. Исто така, е откриен женски комплекс на гробови.
Се смета дека Филип II имал осум жени: Фила, Аудата, Филина, Олимпија, Микесиполис, Меда, Клеопатра и Европа (Елис, 1988, стр.49). Ѕидовите на некрополата се од мермер, декорирани со сцени од животот на кралот со силни и убаво сочувани бои, единствен пронајдок од периодот на антиката.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН