Колумбиската флота спаси маж од Доминика, кој преживеал 24 дена на едрилица во Карипското Море, хранејќи се само со кечап, лук во прав и коцки зачини.

Елвис Франсоа (47) напишал „помош“ на англиски јазик на платформата. Пловилото било забележано од воздух на 120 наутички милји северозападно од полуостровот Гвахира, па Франсоа бил спасен и однесен во пристанишниот град Картагена. Франсоа им рекол на колумбиските власти дека неговото патешествие почнало во декември, кога струите ја однеле неговата едрилица во морето додека ја поправал на островот Сент Мартин на Холандските Антили, каде што тој живее, се вели во соопштението на колумбиската морнарица.

Ги повикав пријателите и тие се обидоа да контактираат со мене, но го изгубив сигналот. Немаше што друго да правам освен да седам и да чекам, рече Франсоа во видеото потоа.

Според надлежните, иако бил изнемоштен, тој бил во добра здравствена состојба кога го пронашле.

Во видеото Франсоа зборува и за тоа како морал постојано да ја отстранува водата од чамецот за тој да не потоне. Се обидел да запали и оган за да испрати сигнал за помош, но не успеал. Бил забележанн од авион.

Во еден миг изгубив надеж и размислував за моето семејство, вели Франсоа.

Франсоа веќе ги мина медицинските прегледи и е на пат до Доминика.