Сузбиена меѓународна мрежа за шверцување мигранти во координирана полициска акција
Во текот на месец јуни 2023 година, со координација и поддршка од Интерпол и Европол, а со активно учество на македонското министерство за внатрешни работи, беше реализирана меѓународна оперативна акција во пет земји, во која беа лишени од слобода 62 лица, од кои 25 кубански државјани, а беа запленети и фалсификувани документи и пари.

Бандата нудела услуги како да е туристичка агенција.
Членовите на криминалните групи за да им ги „промовираат“ своите услуги на ранливите граѓани (во случајов, кубански државјани) користеле апликации на социјалните мрежи, при што за сума од околу 9.000 евра криминалците ги организирале патувањето, трансферите и обезбедувале фалсификувана документација, потребна за влез во Европската Унија. Мигрантите користеле авионски превоз од Куба до Србија, па преку Македонија се обидувале да остварат нелегален влез во Грција, од каде што, пак, го продолжувале патот кон Шпанија. Се проценува дека околу 5.000 кубански државјани биле прошверцувани во ЕУ, генерирајќи им профит на криминалните групи од околу 45 милиони евра.


Спроведената истрага откри комплексна криминална мрежа поставена низ Грција, Србија и Шпанија, чии членови се адаптирале на сите околности, со цел да го продолжат криминалниот бизнис. Шверцерите и нивните соработници што го олеснуваа движењето на лицата мигранти од Куба низ Македонија биле во најголем број српски државјани, а имале свои помагачи низ нашата земја. Притоа, при откриените случаи на кривично дело „шверцување мигранти“ на лица од Куба во Македонија, сторителите беа процесирани пред надлежните органи со соодветни поднесоци.


Имено, Србија и Македонија имаа безвизен режим со Куба, кој беше искористен за остварување легален влез, сѐ до 1.1.2023 година кога Македонија донесе одлука за воведување виза за Куба, односно до април 2023, кога истото тоа го стори и Србија.
Истрагата, координирана од Интерпол и Европол, беше почната во октомври 2021 година, откако Финска, Грција, Македонија и Србија пријавија зголемен број кубански граѓани што се обиделе да влезат во Европа со лажни документи.

Најпрво, кубанските државјани користеле комерцијални летови за Русија, каде што криминалците им нуделе опција илегално да ја преминат руско-финската граница и така да влезат во ЕУ, а како друга опција им нуделе летови за Србија, па од таму да го продолжат своето патување во Централна или Јужна Европа. Меѓутоа, по почетокот на конфликтот во Украина, маршрутата се промени, па кубанските државјани летаа од Германија за Србија. Криминалните мрежи потоа им го олеснувале илегалниот влез во Македонија и Грција, често принудувајќи групи мигранти да се движат ноќе со часови, без резерви на храна и вода. Некои од најранливите мигранти, меѓу кои и малолетници, биле изложени на измами, грабежи и изнуда, а некои жени биле префрлени во други криминални групи заради сексуална експлоатација.