Македонската женска кошаркарска репрезентација по долго време се израдува на официјална победа, во квалификациите славевме на гостувањето кај Босна и Херцеговина со 68-66. 

Кошаркарките речиси десет години немаа победа во меч од европските квалификации, па мали шанси им се даваа и на гостувањето кај Босна и Херцеговина. Но Македонија стави крај на серијата од 22 порази по ред.

 Победата беше сосема заслужено, нашите кошаркарки водеа во текот на целиот меч, на почетокот имавме и двоцифрена предност. Домаќинките се заканија во финишот, но Македонија го издржа налетот и на крајот дојде до победата.

 Митрашиновиќ со 18 поени беше најефикасна, Трајчевска постигна 17, а Кметовска 14, двоцифрена беше и Антиќ со 10 поени.

 И покрај победата, Македонија останува на последното место на табелата со една победа и четири порази. Во недела во Скопје го играме последниот меч од циклусот, ја пречекуваме селекцијата на Белгија која е прва во групата со четири победи и еден пораз.