Деновиве се навршија 80 години откако во Скопје по повеќедневно мачење од бугарската полиција се убиени македонските народни херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Директни сведоштва за мачењето и убиството на двајцата херои дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.
Јорданов за Ацев ќе напише: „тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени … Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови: „Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира. Тогаш Цанков рече: „Добро, појди таму“. Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: „Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме“.
За Пинџур, пак, неговото сведоштво вели:
„Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов … Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два-трипати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во многу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата“.
Двајцата херои сосема случајно биле уапсен на 19 декември 1942 во Велес во куќата на Јован Митрев. Бугарската полиција од Велес ги пренесува во злогласниот Скопски полициски затвор каде што по мачењето биле убиени.
Откако се расчуло за маченичката смрт на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, нивните соборци издале леток по повод нивното убиство, во кој детално и јасно ги изразуваат нивните стремежи борба за слобода. Мал дел од писмото го опишува теророт и грозоморната слика на нивните тела:
„На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и отепани, но до сега вакви зверски и нечовечно мачење немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануваат во очите на народот.
По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година (а, потоа биле фрлени низ прозорец, за да се инсценира самоубиство).
Неговото безживотно тело било украдено од скопската болница и префрлено во домот на Ацеви во Прилеп за да се погреба на 13 јануари 1943 година. Едно сведоштво дава неговата тетка, кај која завршило неговото тело (бидејќи и неговите родители биле интернирани од полицијата):
Полицајците му забодувале шајки под ноктите на прстите, тие му останале полупресечени. Ноктите од прстите на рацете воопшто му ги немаше. Распарчен е на делови, со откинати меса, искршени коски и косата му била кубана, па останала една сламка. Вилицата и главата му се искршени. Неговите нозе беа соголени до коски од кожата која е вадена во мачењето. Прстите на нозете му беа искасапени. Сиот беше здробен.
Бугарската полиција во Прилеп добила строга наредба телото на Ацев да биде запленето по секоја цена при влезот во Прилеп и да не се закопа. Но, тоа е тајно внесено во градот. Погребот започнува во тајно дефинирано време, а поворката тргнува без проблем. Партизаните успеваат да ја излажат полицијата која води целодневна хајка за наоѓање на телото. Кога веќе погребната колона е на гробиштата, полицијата дознава и тргнува да го заплени телото. По пат се среќава со поворката и полицајците дознаваат дека закопот е веќе извршен, но сепак одат на гробиштата да се уверат во ова самите. Бугарската полиција го чува гробот за никој да не смее да му се приближи во следните денови, а бугарските власити размислуваат и телото да биде откопано, но потоа се откажуваат од ваквите намери“.
Кој е Мирче Ацев?
Мирче Ацев е реден во прилепското село Ореовец на 20 октомври 1915. Тој бил член на покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.
Тој бил активен и во друштвото на македонските студенти, „Вардар“. Член на Комунистичката партија на Југославија станал во 1938 година. Задолжен бил и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ја формирал првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година. Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и до 6 април 1941 престојувал таму. Овде ја организирал партиската техника на покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, весникот „Искра“. На 2 август 1940 година на митинг организиран во Охрид, тој одржал говор со што успеал митингот да го претвори во демонстрации против експлоатацијата на народот, воедно објавувајќи и јавен повик за организиран борба за слобода. Истиот ден бил уапсен, додека студентската колонија протерана од Охрид.
Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Неколку дена по нападот на фашистичка Германија, тој и Страшо заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кратко време повторно се вратил на работа во покраинскиот комитет во Скопје. Како партиски инструктор на покраинскиот комитет ги обиколил партиските организации во повеќе градови на Македонија. Од крајот на 1941 година до пролетта 1942, престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски – Питу се залагал за примена на курсот за вооружена борба и пристапил кон формирањето на неколку нови партизански одреди во Македонија.
Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, опишувајќи му ја тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов и Ванчо Михајловистичката компанија, нагласува дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кое е ослободително движење. Најинтересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и денес. Со, ова писмо се побиваат и великобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ, арх. бр. 176.
Непокорот на Страшо Пинџур
Страшо Пинџур е роден како Страхил Пинџуров во кавадаречкото село Ваташа на 3 март 1915 година. Како напреден студент, активно се вклучува во друштвото на напредните македонски студенти „Вардар“, а станува и член на Акцискиот студентски одбор. Во текот на 1938 година се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938 и спроведен во истражниот затвор во Ада Циганлија.
Во летото 1939 година во Кавадарци, по негова иницијатива, заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на Правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Во еден обвинителен акт е заведен дека работел како адвокатски приправник во Струмица. Пред самата окупација, Страшо бил пуштен на слобода.
По окупацијата на Македонија, Страшо Пинџур станал член на покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 година бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Есента 1942 бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“.
На 4 јануари 1943 година, во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 година, каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.
За активноста во организирањето на народот за борба против фашистичкиот окупатор, како и за нивното храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо Пинџур и Мирче Ацев се прогласени за народни херои на 29 јули 1945 година. Во нивна чест се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“ и „Вардаре горд, подзапри“. Бројни училишта го носат името на овие двајца народни херои.
Какви ѕверства вршела бугарската полиција сведочат досиејата на Мирче Ацев и Страшо Пинџур
Date: