Вонредниот инспекциски надзор на Службата за итна медицинска помош во Струга од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почнал, извести министерот за здравство.

Инспекцијата влезе во Здравствениот дом откако тим од Итната помош застана да пие кафе на бензинска станица додека во комбето остана да лежи пациентот што го пренесуваа од Скопје до Струга, а министерот најави истрага и ригорозни мерки доколку се утврдат злоупотреби.

„Инспектори од ДСЗИ вчера беа на самото место. Сè уште го немаме конкретниот извештај. Бевме во комуникација со директорот на Здравствениот дом и го чекаме извештајот“, рече министерот и најави дека извештајот ќе го сподели со јавноста кога ќе го добие.

Не е дозволено застанување на Брзата помош на тој начин и Министерството за здравство покрена инспекциски надзор и побара изјаснување од директорот на Здравствен дом Струга. По наодите ќе се преземат соодветни мерки – информираа од Министерството.

Оттаму посочуваат дека се извршени разговори со сите засегнати страни, вклучително и со ќерката на пациентот кој бил во возилото.

– Се работи за пациент, кој во понеделникот испишан од болницата, требало да биде трансфериран во Општата болница Струга. Пациентот бил во терминална фаза од болеста. Тој и неговата ќерка тргнале сами на нивно барање со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во ЗД Струга. Од таму обезбедиле возило, кое за кратко пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала испиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко ѝ бил свесен, контактибилен, во тек на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот – потенцираат од Министерството за здравство.

И покрај тоа што таа барала, како што се нагласува во соопштението, не е дозволено застанување на Брзата помош на тој начин.