За еден месец просечната плата пораснала за 330 денари. Статистика пресмета дека во мај нето-просекот изнесувал 36.465 денари, што за една година е пораст од 16 отсто, но реално поради инфлацијата порастот изнесува нешто над 4 отсто.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, за истиот месец, на четиричлено семејство му биле потребни 50 илјади денари за да го истуркаат месецот, што значи за да преживее едно семејство потребни се две просечни плати, бидејќи со оглед на инфлација, која и понатаму е двоцифрена, со една минимална и една просечна плата едвај се поминува месецот.
– Според последните пресметки на Државниот завод за статистика, просечната плата изнесува 36.654 денари, но за да преживее едно семејство потребни му се две просечни плати, бидејќи со една минимална и една просечна не може да се покријат месечните трошоци. Просек, освен компјутерџиите и вработените во воздухопловниот сектор го креваат и функционерите со зголемувањето на нивните плати од 78 отсто. Откако им ги зголемија платите, уште наредниот месец просекот скокна за 2.000 денари месечно. Од друга страна има дејности како што се здравство, полиција, образование и медиумите, каде што вработените не земаат ниту просечна плата. Очекуваме дека со новиот колективен договор во септември сите плати во јавниот сектор ќе се зголемат за 10 отсто, вели за ВЕЧЕР, Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
Според податоците на Управата за јавни приходи, околу 100 илјади работници во државата земаат минимална плата.
– Инфлацијата, според пресметките на Народна банка, изнесува 9,3 отсто, но не е реална бидејќи во практиката се чувствува повеќе од 20 отсто. Голем дел од малопродажните цени на основните производи не се намалија и покрај падот на цените на горивата и мерките на државата. Практиката покажа дека кога еднаш ќе се зголемат цените, многу тешко се враќаат назад. Поради тоа, ние ќе се бориме што поголем број работници да земаат просечна плата, додава Пешевски.
Во последниот Извештај на Народна банка се заклучува дека во текот на вториот квартал, годишната стапка на инфлација забавува. За стабилизација на инфлацијата и на инфлациските очекувања, Банката ја затегна монетарната политика, но презеде и други мерки, во склад со останатите централни банки.
Од друга страна, растот на домашната економска активност забрза, малку посилно од очекувањата според последните проекции, а најновите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2023 година упатуваат на натамошен раст на економската активност во вториот квартал од годината, но поумерен.
Годишната стапка на инфлација дополнително забави и на крајот на вториот квартал изнесуваше 9,3 отсто, што е во согласност со априлската проекција.
Сепак граѓаните велат дека не го чувствуваат намалувањето на инфлацијата, бидејќи секојдневно се соочуваат со зголемени цени. Велат дека некои производи кои порано ги купувале сега им стануваат луксуз и за да заштедат почнале да ги намалуваат количествата и на оние производи кои секојдневно ги купуваат. Поради скапотијата, велат дека платите и пензиите ги даваат веднаш кога ќе им пристигнат.
Се помалата вредност на парите силно удира по куповната моќ на граѓаните. Според последните статистички податоци трошоците на живот во јуни годинава биле зголемени за 9,3 отсто во однос на истиот месец лани. Храната била поскапа 12,1 отсто, а комуналиите за 13 отсто, а единствено намалување има кај трошоците за транспорт и тоа од 8,9 отсто.