Постоењето и работењето на граѓанските
здруженија во една демократска правна држава и во контекст на владеењето на правото

Вчера истече рокот за пререгистрација на бугарските здруженија што се именувани според личности што во минатото јавно и отворено ја негирале посебноста на македонскиот национален супстрат, особености, македонскиот јазик, култура, обичаи итн. и спроведувале брутални континуирани зафати за денационализација на македонскиот народ. Некои од споменатите личности, како што е бугарскиот цар Борис Трети или Ванчо Михајлов, биле и сојузници или соработници на фашистичка Италија и нацистичка Германија. Во тој контекст, експертите, универзитетските професори и правниците со кои се консултиравме посочуваат дека не само што е ирационално, нонсенс, бесмислица и глупост оставањето на ваквите називи на бугарските клубови во Македонија туку дека е и противзаконски и казниво! Институциите треба да го почитуваат Законот за здруженија и фондации и да ги поништат оние здруженија што работат спротивно на нашиот уставен поредок и им ги навредуваат чувствата на македонските граѓани.

Законот налага поништување на здруженијата

Според новите одредби на законот, здруженијата, доколку сакаат да продолжат со работа, мора да ги променат имињата, затоа што како назив не смеат да користат имиња на луѓе што по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам или се поврзуваат со Третиот рајх. Ако здруженијата што имаат имиња што се косат со одредбите во законот не направат усогласување, односно преименување, министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување во сила на законот (до 16 март), по претходно негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња, и врз таа основа Централниот регистар треба да ги избрише.
Од Централниот регистар велат дека „охридското здружение ’Цар Борис‘ ќе го смени името и дека веќе ги поднело потребните документи за да се усогласи со измените на Законот за здруженија и фондации“. Битолското здружение, пак, „Иван Михајлов“ досега не поднело никакво барање.
Експертите, универзитетските професори и правниците посочуваат дека „институциите треба доследно да го почитуваат Законот за здруженија и фондации и да ги поништат оние здруженија што работат спротивно на нашиот уставен поредок и им ги навредуваат чувствата на македонските граѓани“. Но познавачите исто така укажуваат дека „именувањето на здруженијата е само еден аспект од проблемот, посуштински се нивното дејствување и активностите“. Нашите соговорници ги повикуваат институциите постојано да го следат работењето на здруженијата, односно дали тие дејствуваат во согласност со програмата што ја пријавиле при регистрацијата. Доколку отстапуваат од неа и јавно ги негираат македонските национални особености и шират говор на омраза, негација на македонската нација, јазик и историја, без разлика дали ќе го променат името на здружението или клубот, ќе постојат основи за нивно бришење од Централниот регистар.

Од готово направивме вересија

Правните експерти се согласни дека доколку не дојде до промена на имињата, ќе бидат укинати со решение бидејќи така налага законот. Меѓутоа некои од познавачите посочуваат дека постои опција тие да се жалат бидејќи законот не може ретроактивно да важи, а од друга страна имаат стекнати права. Законот може ретроактивно да важи ако е поповолен, односно за „користење поповолни права“. Меѓутоа и за ова сценарио соговорниците имаат подготвен одговор. Имено, тие се уверени дека „здруженијата можеле да бидат и претходно поништени бидејќи имало основа за тоа и претходно“. Имено, и без новите измени на законот, „државниот управен инспекторат можеше да ги поништи решенијата во Централниот регистар“. Сега, поради промените на законот, државата се доведе во ситуација да биде тужена во судот во Стразбур, посочуваат нашите соговорници.
За оваа проблематика, Дане Илиев, поранешниот претседател на Врховниот суд, вели дека не може да се има стекнато право ако е спротивно од законот. Според него, институциите треба да постапат во согласност со законот доколку некои од здруженијата одбијат да се преименуваат, бидејќи тие се спротивни од законот и од Уставот, но и спротивни од антифашистичките темели на македонската држава, вели Илиев.
– Органите на државата треба да постапуваат за законот, може да се основаат нови здруженија, ако сакаат, но не може да постојат здруженија што се поврзани со личности што биле соработници на фашизмот. Може да го одберат кое било име, но само доколку не биде навредливо за македонскиот народ и спротивно од законите на државата – нагласува Дане Илиев.
Адвокатот Јанаки Митровски посочува еден друг проблем. Според него, првенственото барање за регистрација морало да биде одбиено бидејќи законското решение, конкретно Законот за здруженија и фондации забранува отворање невладини или фондации што работат спротивно на нашиот уставен поредок или на кој било начин го подриваат или им ги навредуваат чувствата на нашите граѓани, вели Митровски.
– Но како штетата е веќе направена, Министерството за правда има право и обврска да направи вонреден надзор и да наложи затворање на клубовите доколку во даден рок не се преименуваат. Доколку се незадоволни, нека си поведат управна постапка, па крајно и апликација до Стразбур за евентуална повреда на членот 11 од Конвенцијата за човекови права, конкретно слобода на собирање и здружување. Но и таа апликација, по мое мислење, би била одбиена бидејќи и самата конвенција дозволува исклучоци како погоре наведените, кои се инкорпорирани во нашиот закон – нагласува адвокатот Јанаки Митровски.

И името и програмата да се сменат, посуштинско е нивното дејствување

Свое видување за оваа проблематика искажа и Солза Грчева. Според неа, не е проблематично само именувањето на здружението или на клубот. Посуштинско е нивното дејствување, дали тоа е во согласност со законите на државата или не. Институциите мора да имаат контрола што работат граѓанските здруженија, не само бугарските туку сите здруженија и организации. При регистрација, секое граѓанско здружение поднесува програма од која се гледа што конкретно ќе работи, посочува Грчева.
– Доколку по регистрацијата одредено здружение отстапува од програмата и ги нарушува законите и Уставот на Македонија. Во примерот со културниот клуб „Иван Михајлов“, кој го негира постоењето на македонските национални особености, на директен начин се шири говор на омраза и се предизвикува национална нетрпеливост. Од друга страна, клубот „Иван Михајлов“ иако го носи епитетот културен, сепак неговата дејност наликува на пропаганда што ги нарушува темелите на македонската државност и самобитноста на македонскиот народ – вели Солза Грчева.